Вториот Блок во РЕК Битола кој ноќеска беше пуштен во функција и вклучен на енергетската мрежа повтрно е исклучен но како што информираат од ЕСМ не станува збор за дефект туку за технолошки процес на испитување на заштитата на генераторот, соопшти АД ЕСМ.
„Станува збор за испитување на нова, софистицирана опрема за заштита на генераторот од германскиот производител Сименс која беше набавена и инсталирана со цел зголемување на доверливоста на капацитетот и заштита на опремата. Испитувањата се очекува да завршат во попладневните часови по што Блок 2 повторно ќе биде пуштен во електроенергетската мрежа“, соопштија од ЕСМ.
Блок 2 на РЕК Битола почна синоќа во 2:45 часот со производство на струја и беше синхронизиран со електроенергетскиот систем на државата. Но, потоа поради симулацијата и испитување на заштитата повторно не произведува струја.
Поради пожарот на 5-ти ноември кога изгоре трансформатор на блокот 3, тој блок не е во функција и во моментот се сервисира. Не е познато кога треба да почне да функционира, а најоптимистичките прогнози се најмалку два месеци застој на Блок 3.
Висок напон кој дошол до трансформаторот преку електроенергетскиот систем е причина за пожарот во Блок 3 на РЕК Битола, беа првичните наоди на истрагата за пожарот во АД ЕСМ.
Опозиционата партија ВМРО-ДПМНЕ пак објави документ на кој со ракопис е напишано дека стручните служби во РЕК Битола кои вршеле интерна ревизија на трансформаторот, предочиле дека постои ризик од пробив на високонапонски проводен изолатор и записот го доставиле до раководството на РЕК Битола.
На документот стои датумот 25-ти октомври, а 11 дена подоцна избувна пожар токму поради пробив на висок напон во изгорениот трансформатор.
Од раководството досега не одговорија на обвинувањата на опозицијата пласирани вчера.