Третите парламентарни избори во Бугарија, кои требаше конечно да овозможат формирање стабилна политичка влада, според првичните излезни анкети, тешко ќе ја остварат оваа цел.
ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, можеби и ќе има најмногу гласови и секако пратенички мандати, но и тоа е неизвесно. Иако анкетите предвидуваа предност од најмалку 8 проценти во однос на партијата “Продолжуваме со промената”, излезните анкети посочуваат дека оваа партија, формирана пред само два месеци и предводена од двајца министри во техничката влада, Кирил Петков и Асен Василев ги надмина сите очекувања и е речиси изедначена со ГЕРБ.
Според бугарските медиуми, победникот веројатно ќе го одлучат гласовите на бугарите од дијаспората.
Сите претходни анализи сугерираа дека ГЕРБ на Борисов има најслаб коалициски потенцијал, и доколку “Продолжуваме со промените” го добие мандатот, идната влада ќе мора да биде коалициска и нема да може да се формира без најмалку 4 партии. Таквите преговори би биле тешки заради разликите кои постојат меѓу потенцијалните коалициски партнери.
Едно од прашањата за кои се разликуваат се и односите со Македонија, пишуваат бугарските медиуми. Додека “Продолжуваме со промените” и “Демократка Бугарија” се можеби и подготвени за компромис, социјалистите и популистичката “Има таков народ”, досега цврсто стоеаја зад рамковната позиција на земјата.
Она што е сигурно е дека на бугарските граѓани им е преку глава од политичките игри, што го потврдува ниската излезност и фактот дека над 60% од луѓето со право на глас, останаа во своите домови и не излегоа на гласачките места.
Ако потфрлија во однос на резултатот на парламентарните избори, анкетите беа прецизни во поглед на исходот од претседателските избори.
Актуелниот шеф на државата, Румен Радев има убедлива предност со освоени 47 до 49 проценти од гласовите, пред Анастас Герџиков за кого гласале меѓу 23 и 25 отсто од граѓаните. Конечната победа Радев ќе мора да ја бара во вториот круг од гласањето.
Никола Илиевски
