Тројца пациенти ги загубија животите по пожар што избувна во неделата рано наутро во болница во јужниот бугарски град Сливен.
Пожарот, кој брзо бил ставен под контрола, избувнал нешто по полноќ и зафатил една болничка соба. Шест пациенти од соседните соби се евакуирани во другите делови на болницата, изјави регионалниот началник на противпожарната служба Владимир Демирев.
Пожарникарите пронашле двајца мртви пациенти, додека третиот се здобил со тешки изгореници и бил префрлен во друга болница, каде подоцна починал.
– Причината за пожарот се уште се истражува, но најверојатно причината е цигара запалена од еден од пациентите, соопшти Министерството за здравство.
Во болниците во Бугарија има повеќе од 8.000 пациенти, вклучително и 700 на одделенијата за интензивна нега, додека земјата оди на третите парламентарни избори оваа година.
Бугарија има најниска стапка на вакцинација во Европската унија и една од највисоките стапки на смртност од Ковид-19 во ЕУ, со рекорден број дневни случаи на заразени регистрирани во текот на октомври.
