Три вооружени дрона натоварени со експлозиви биле пуштени врз резиденцијата на ирачкиот премиер во обид да биде убиен. Лансирани биле од мостот на реката Тигрис, но два од нив биле соборени. Премиерот Мустафа ал Кадими успеал да се извлече неповреден, но не и неговите шест телохранители. Ал Кадими брзо се огласи на Твитер дека останува меѓу својот народ, а потоа се појави и на ирачката телевизија седејќи на своето биро и спокојно изјавувајќи дека со кукавички напади не се гради иднина.
Кукавичките напади со ракети и дронови не ја градат татковината и не градат иднина. Работиме тоа да ја градиме државата со почитување на државните институции и да изградиме подобра иднина за сите Ирачани. Повикувам на мирен и конструктивен дијалог за иднината на Ирак, изјави ал-Кадими.
Жителите на Багдад слушнале детонација проследена со силно пукање од правец на Зелената зона, во која се сместени странските амбасади и владини канцеларии. Според нив нападот врз премиерот може да доведе до ескалација на кревката политичка ситуација.
Нападот на домот на ал Кадими во Зелената Зона ќе предизвика хаос. Ќе создаде безбедносен вакум, еконосмки вакум и вакум во службите. Вакум во се, и ќе влијае врз политичката ситуација и политичките процеси.
Нападот врз Ал кадими ќе предизвика проблеми меѓу политичките партии и ќе го одолговлечи процесот на формирање на следната влада.
Засега се уште никој не ја презеде одговорноста за нападот. Медиумите покажаа фотографии од оштетувањата во резиденцијата, а остатоци од експлозивите биле земени за испитување, и се чекаат првите информации од разузнавачите.
Ал Кадими, и самиот поранешен шеф на ирачката разузнавачка агенција, положи заклетва на новата функција во мај минатата година. Но, политичката криза во земјата ескалира по парламентарните избори одржани пред еден месец, а резултатите не ги прифаќаат проиранските и шиитски фракции, кои загубија две третини од пратеничките мандати. Поддржувачите на овие проирански организации речиси цел месец кампуваат на надворешните линии на Зелената зона во Багдад.
Протестите станаа радикални во петокот кога демонстрантите се обидоа да влезат во Зелената зона, на што безбедносните сили употребија солзавец и боева муниција. Загина еден демонстрант, а десетици припадници на безбедносните сили беа повредени. Ал Кадими,кој се обидува да балансира меѓу САД и Иран, нареди истрага.
Америка, но и Иран го осудија обидот да се убие премиерот. Тензиите во земјата се високи, а последното случување може да предизвика опасна ескалација со далекусежни последици.
Алиса Шутиноска
