Познати лондонски архитекти создадоа вистински мал град од медени колачиња, шеќер и глазура, во рамките на десеттото издание на традиционалната изложба „Град од медени колачиња“.

Овогодишната поставка, на тема „Иднината напред“, содржи 50 уникатни градби, меѓу кои минијатурна реплика на познатата концертна сала „Ројал Алберт Хол“, модерни облакодери, мостови и улици.

Посебно внимание привлекува проектот изработен во соработка со хуманитарната организација „Сент Мангос“, посветена на помош на бездомниците.
Преку градби од медено тесто и минијатурни фигури, претставени се вистински приказни на луѓе кои доживеале бездомништво.
Една од нив е и приказната на Робин Кларк, кој денес живее во прифатилиште на организацијата.

Изложбата, организирана од Музејот за архитектура, ги спојува креативноста, празничниот дух и идеите за градовите на иднината, вклучувајќи решенија за климатските промени и подобар квалитет на живот.
„Градот од медени колачиња“ за посетителите се отвора на 28 ноември во лондонскиот „Спејс хаус“ и ќе биде достапен до 3 јануари 2027.












