Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

На Жерард Депардје ќе му се суди за силување на актерка во 2018 година

/

Магазин

Сподели преку :

Жерар Депардје, некогаш една од најголемите икони на европската кинематографија, ќе мора повторно да се соочи со француското правосудство.  Апелацискиот суд во Париз ја потврди одлуката за негово судење по обвинението за силување и сексуален напад врз актерката, Шарлот Арно, со што е отворен патот за нова судска постапка против 77-годишниот актер.

На Депардје ќе му се суди за настан од 7 август 2018 година, кој се случил во неговиот дом во Париз.

Судот, истовремено, ја отфрли постапката во однос на вториот наводен инцидент, од 13 август истата година.

Арно, која тогаш имала 22 години, го обвини актерот дека сексуално ја нападнал во неговиот дом.

Таа го познавала Депардје уште од детството, а кај него отишла за неформално да подготвуваат театарски текст. Нејзиното сведоштво и пријавата поднесена во 2018 година го означија почетокот на еден од најзначајните судски случаи поврзани со сексуалното насилство во француската филмска индустрија.

Одбраната на Депардје ги оспорува обвиненијата и судската одлука. Актерот ги негира наводите, а неговиот правен тим има можност да побара преиспитување пред Касациониот суд на Франција. Засега не е утврден датумот на судењето.

Случајот со Арно добива дополнителна тежина бидејќи Депардје веќе има правосилна пресуда во друг предмет за сексуален напад врз две жени за време на снимањето на филмот „Зелените ролетни“ во 2021 година.

Во мај 2025 година беше осуден на 18 месеци затвор условно, а откако на 16 ноември 2026 година ја повлече жалбата, пресудата стана конечна.

Но, предметот на Шарлот Арно е посебна постапка и се однесува на многу посериозно обвинение – силување, за кое, доколку биде прогласен за виновен, Депардје може да се соочи со затворска казна од 15 до 20 години.

Случајот одамна ги надмина границите на еден судски спор.

Тој стана дел од пошироката дебата во француското општество за односот кон моќта, славата и одговорноста, особено по движењето #MeToo.

Депардје има зад себе повеќе од пет децении кариера и над 200 филмски и телевизиски улоги. Неговата интерпретација на Сирано де Бержерак му донесе номинација за Оскар, додека филмовите „Зелена карта“ и „Последното метро“ го зацврстија неговиот статус на меѓународна филмска ѕвезда.

Денес, меѓутоа, неговото име сè почесто се појавува во судските хроники наместо на филмските фестивали.