Случајот со „Алта банка“ предизвика жестока дебата меѓу власта и опозицијата на денешната надзорна расправа во Собранието, на која се отворија прашања за влезот на банката на македонскиот пазар, постапувањето на Народната банка и одговорноста за актуелната состојба.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го обвини директно премиерот Христијан Мицкоски дека со спинови и дефокусирање ја избегнува одговорноста за влезот на „Алта банка“ во земјава. Тој побара одговор зошто било дозволено банката да влезе на македонскиот пазар и која е цената што сега ја плаќаат граѓаните, кои чекаат во редици за да ги повлечат своите пари, но со ограничен износ.
Филипче посочи дека банката влегла во земјава во времето кога Мицкоски е премиер, а Трајко Славески гувернер на Народната банка. Според него, дополнителна причина за загриженост е сопственикот на банката, Давор Мацура, за кого рече дека е во затвор во Србија под сомнение за перење пари.
„Не може да се амнестирате од одговорноста. Ја браните банката како ваша да е, како тука да влезе Дојче банка или не знам која светска банка, а не Алта банка“, рече Филипче.
На прашањето за улогата на премиерот во процесите поврзани со банката се осврна и пратеникот Борислав Крмов од Левица. Тој побара од Мицкоски да објасни врз основа на кои законски овластувања се вклучува во прашања за кои се надлежни регулаторните институции, посочувајќи ги неговите консултации со гувернерот пред влезот на банката, како и јавните изјави за нејзина продажба и разговорите со други банки.
„Во кое својство сте и финансиски консултант и стечаен управник на Алта банка? Очигледно во оваа држава веќе не ни требаат институции. Доволни сте само Вие“, рече Крмов.
На обвинувањата Мицкоски возврати со документ од Нацрт-записникот од 194. седница на Владата, одржана на 24 октомври 2023 година, кога тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими побарал Владата да му даде согласност на Државното правобранителство да влезе во деловни односи со „Алта банка“ од Белград.
Мицкоски тврдеше дека на седницата Владата одобрила оттуѓување на акциите во банката, кои биле во државна сопственост, во корист на Давор Мацура.
„Сакам македонската јавност ова јасно да го знае, дека Македонија како држава во деловни односи со Алта банка на Мацура ја носи Владата на СДСМ и ДУИ, на предлог на тогашниот министер Фатмир Бесими“, рече Мицкоски.
На прес конференција, претседателот на СДСМ Филипче ги нарече лага овие тврдења на премиерот.












