Претставници на француските средношколци изјавија дека владата денеска понудила пакет предлози за подобрување на образованието како одговор на неколкунеделните улични протести, но тие најавија дека ќе продолжат да протестираат бидејќи предложените мерки не ги исполнуваат нивните барања.
По средбата со владини претставници, учениците изјавија дека предлозите вклучуваат ограничување на бројот на ученици во одредени одделенија, кредити за реновирање на училиштата и замена на системот за прием на универзитети што го сметаат за неправеден.
„Не се исполнети сите наши барања. Ќе продолжиме колку што е потребно“, рече Луј Летублон, еден од претставниците на средношколците.
Владата сè уште официјално не ги потврдила предлозите поврзани со образованието. Прес-конференцијата на која требаше да се објават деталите е одложена.












