До крајот на наредната недела ќе се знае дали скопјани ќе плаќаат повисоки сметки за парно греење. Трите компании бараат покачување на цената. Во пресметките кои ги доставиле до Регулаторна, најмногу речиси 65 проценти раст на цената бара ЕСМ Енергетика за таканареченото железарско парно. Скопје Север бара корекција на цената за речиси 16 проценти нагоре, додека БЕГ кој снабдува со топлинска енергија најголем дел од домаќинствата – бара најмало покачување од речиси 2%. Проблем е и тоа што скок е регистриран и на цената на гасот на светските берзи и тоа од 50 проценти во споредба со минатата година, а токму гасот учествува со 70 проценти во крајната цена. Регулаторна веќе ги анализира пресметките на компаниите.
Подготвителна седница ќе има во вторник, а конечната одлука за тоа каква ќе биде крајната цена за потрошувачите ќе ја донесеме во четврток– велат од РКЕ.
Инаку подружницата на ЕСМ – ЕСМ Енергетика која бара дури 65 проценти покачување на цената работи со загуби. Лошата финансиска кондиција ја правда со скапиот гас.
,,Новата цена за парното греење е побарана врз основа на пресметаните финансиски трошоци, пред се трошоците за гас и за одржување. Подружница Енергетика работи со загуба, пред се поради високата цена на гасот – велат од ЕСМ.
Инаку парно користат околу 60.000 домаќинства. Најмногу приклучени има на мрежата на БЕГ, а парно од ЕСМ Енергетика користат околу 4.000 домаќинства. Најмалку приклучени има на топланата на Скопје Север. Минатата година цената на парното не се промени. А новата цена која ќе ја донесе Регулаторна ќе важи од први август.
Александра Филиповска