Вести Свет

Норвешка одбележува 10 години од масакрот на Утоја кога беа убиени 77 луѓе

Камбаните во црквите ширум Норвешка денеска на пладне одѕвонуваа 5 минути одбележувајќи ја 10 –годишнината од најкрвавиот масакр во историјата на современа, поствоена Норвешка.

На 22-ри јули, 2011-та година, десничарскиот екстремист, Андерс Брејвик, активираше бомба во Осло, убивајќи 8 луѓе, но тоа беше само почеток на страотниот терористички чин. Брејвик потоа се упати на малиот остров покрај главниот град на Норвешка, Утоја, каде со автоматско оружје смртно застрела 69 луѓе, најголем дел од нив малолетни лица, членови на подмладокот на Лабуристичката партија.

Ширум Норвешка денеска се одржуваа комеморации, вклучувајќи ја и мисата во катедралата во Осло. Зборувајќи пред 77-те рози поставени во форма на срце, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој беше премиер на државата пред 10 години, на присутните, меѓу кои беше и норвешкиот крал Харалд, им кажа дека Брејвик пораснал на улиците од Осло.

Во часовите откако бомбата експлодираше во близина на владата, многумина мислеа дека одговорни се екстремните исламисти. Но напаѓачот беше припадник на радикалната десница. Тој ги злоупотреби христијанските симболи. Тој порасна на нашите улици, припаѓа на истата религија и ја имаше истата боја на кожа како мнозинството во оваа земја. Тој беше еден од нас. Но не е еден од нас кој ја почитува демократијата. Тој е еден од оние кои веруваа дека имаат право да убиваат за своите политички цели.

Преживеаните од Утоја претходно ги читаа имињата на 77-те жртви на комеморацијата која беше пренесувана и на националната телевизија.

Астрид Хом, која била присутна на Утоја кога се случил нападот и сега го предводи подмладокот на лабуристите, апелираше до сите свои сограѓани да се соочат со расизмот и омразата која се уште постои во Норвешка.

Толку е брутално, што е навистина тешко за разбирање, но нашата одговорност е да го направиме тоа. Затоа што 10 години подоцна, мораме да ја зборуваме вистината. Не ја запревме омразата. Десничарскиот екстремизам се уште е жив. Терористот беше еден од нас.

Судот во Осло во 2012-та година го прогласи Брејвик за виновен и го осуди на максималната затворска казна во Норвешка. 21 година затвор, во форма на ткн превентивно затворање со минимум 10 години зад решетките и можност за едно или повеќе пролонгирања на рокот, се додека се смета за опасност по општеството. Брејвик изјави дека не го признава судот и затоа не поднесе ниту жалба до апелациониот суд во Норвешка.

Никола Илиевски

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Бојковски не призна вина – Обвинителството најави докази дека тој е сторителот и за мотивите за убиствата

Дејан Дејан

САД и Иран продолжуваат со нападите – се засилуваат и вербалните закани за целосно обновување на конфликтот

Дејан Дејан

Во кабина на товарно возило најдени 24 пакувања со марихуана – возачот е уапсен на излез од државата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе