46-тиот состав на бугарскиот парламент беше конституиран денеска со полагање заклетва на 240-те пратеници, но без јасна потврда за формирање на ново мнозинство кое би застанало зад идната политичка влада.
Со седницата претседаваше највозрасната пратеничка Мика Зајкова, која им посака добра работа на пратениците, за остварување на соништата на бугарскиот народ.
Да бидеме добри, да бидеме насмеани. Ајде да бидеме конструктивни и да работиме за сонот на оваа нација – за просперитетна Бугарија. За нација која има достоинствен живот и е горда членка на Европската Унија, рече Мика Зајкова, највозрасна пратеничка во Бугарскиот парламент
За тоа како може да се развива политичката состојба кај нашиот источен сосед зборуваше Тошко Јорданов, заменик претседател на “Има таков народ”, партијата која освои најмногу гласови на изборите од 11-ти јули.
Следните 14 дена се клучни дали ќе добиеме влада или ќе одиме повторно на избори, изјави Јорданов. Доколку повторно има избори, тоа не е ништо неправилно или недемократско, изјави Јорданов.
Овој парламент, избран од Бугарскиот народ, е различен од претходниот. Според нас, тој е поблиску до реалноста за тоа што го сакаат бугарските граѓани. Самиот факт дека овој пат владата е присутна тука, за разлика од претходниот пат, значи дека луѓето кои се тука, не се срамат да стојат пред нас, изјави Тошко Јорданов, заменик претседател на “Има таков народ”
Со 137 гласови “за” , еден против и 99 воздржани, пратениците ја избраа Ива Митева од “Има таков народ” повторно за претседател на претставничкиот дом, откако ја вршеше оваа функција во краткиот живот на претходниот состав на Парламентот.
Претходно владеачката партија во Бугарија, ГЕРБ, предводена од Бојко Борисов, е втора по бројот освоени мандати во народното собрание. Десислава Атанасова вети дека нивната парламентарна група ќе биде силна и компетентна опозиција, чиј противник ќе бидат, како што рече, хаосот и безидејноста.
Таа се пожали и дека вонредните парламентарни избори биле спроведени во услови на јавен притисок врз членови и симпатизери на ГЕРБ од страна на техничка влада на Бугарија.
Во Бугарија, за нова влада треба да се обезбеди поддршка од 120 пратеници. Засега, “Има таков народ, со 65 пратеници ја има поддршката на “Демократска Бугарија” и “Стани, мафијата надовор” со 34 и 13 пратеници, што не е доволно за мнозинство.
Никола Илиевски
