Сопственикот на Амазон, милијардерот Џеф Безос, полета денеска во вселената, во првиот лет со екипаж, на неговата сопствена ракета, Њу Шепард.
На Џеф Безос друштво му прават неговиот брат Марк, 82-годишната Воли Фанк која во 60-тите години на минатиот век, била дел од групата жени астронаутки Меркјури 13, кои иако се подготвувале како мажите астронаути никогаш не добиле шанса да летаат во вселената и 18 годишниот холанѓанец Оливер Дејмон, првиот патник кој го платил своето место во ракетата.
Во вселената тие летаат со капсулата со, како што се тврди, најголемите прозорци, кои нудат спектакуларна глетка на планетата.
Летот е целосно автоматизиран, нема пилоти или инжинери на летот, а полета од малото место Ван Хорн, во Тексас.
Со портфолио од над 200 милијарди долари Безос е најбогатиот човек на планетата, но не и првиот милијардер кој со сопствена ракета краток период престојуваше во вселената.
Таа привилегија купена со незамисливо богатство за себе ја обезбеди, сопственикот на Вирџин, Ричард Брансон.
Ова не е натпревар, скромно коментираше во телевизиско интервју 57-годишниот Безос, помалку претенциозно споредувајќи се со луѓето кои целиот свој живот се подготвувале за комплексните мисии во вселената.
Знаете, има еден човек кој бил прв патник во вселената. Неговото име е Јури Гагарин и тоа се случило пред долго време. Мислам дека јас ќе бидам број 570 или слично. Знаете, таму ќе бидеме ние на оваа листа. Значи, ова не е натпреварување. Ова е за изградба на патот кон вселената со цел идните генерации да можат да прават неверојатни работи во вселената.
Капсулата во која ќе биде сместен екипажот, ќе се одвои од ракетата на височина од околу 76 километри. Ракетата потоа треба да слета на растојание од 3 км од местото од кое била лансирана, додека капсулата со 4-та патници ќе достигне височина од 106 километри.
Тие 4 минути ќе бидат во состојба на нулта гравитација и ќе можат да ги напуштат своите седишта и да уживаат во погледот на планетата земја од вселената.
Откако ќе ја достигне максималната височина, капсулата ќе започне да паѓа и со падобран ќе слета во пустината во Тексас.
Иако приватните летови во вселената се опишуваат како проширување на пристапот до космосот за сите луѓе од планетата, седиштата во летовите на Вирџин Галактик на Бренсон првично ќе чинат околу 250 илјади долари, додека нема информации колку кусиот престој во вселената ќе чини во летовите на Блу Ориџин на Безос.
Никола Илиевски
