Министрите за енергетика на Европската Унија денеска се состануваат во Луксембург за да разговараат за сигурноста на снабдувањето и мерките за намалување на трошоците за енергија.
Откако вчера цената на природниот гас во Европа надмина 100 евра за мегават-час, првпат од декември 2022 година, зголемувајќи го ризикот од поскапо греење, струја и производство во пресрет на зимата.
Според берзанските податоци што ги пренесе Ројтерс, европската референтна цена на гасот, позната како холандски ТТФ, вчера пораснала за околу четири проценти. Гасот сега е приближно трипати поскап отколку пред почетокот на војната со Иран во февруари.
Министрите ќе разгледуваат предлог за намалување на сметките за електрична енергија преку промени во мрежните тарифи и даноците, вклучително и можноста струјата да се оданочува поповолно од природниот гас. Засега нема најавена итна мерка што би гарантирала намалување на цените.
Европскиот комесар за енергетика, Дан Јоргенсен, предупреди дека ситуацијата е сериозна, иако засега нема непосредна опасност од недостиг на енергенси.












