Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

„Мртва трка“ меѓу власта и опозицијата по изборите во Израел

/

Свет

Сподели преку :

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху уште еднаш ги надмина очекувањата и предвидувањата на политичките аналитичари и предизборни анкети, освојувајќи многу поголем број гласови отколку што му предвидуваа.

Излезните анкети објавени синоќа по затворањето на гласачките места покажуваа тесна победа на опозицијата предводена од поранешниот шеф на Генералштабот на израелската армија, Гади Ајзенкот, но на повеќе од 60 проценти обработени гласачки места, токму Нетанјаху е во благо водство. Сепак, израелските медиуми предупредуваат дека до крајот на пребројувањето ситуацијата може да се смени, затоа што голем дел од обработените гласови доаѓаат од региони каде Нетанјаху и неговата партија Ликуд, традиционално имаат силна поддршка.

Затоа, рано утрово Ајзенкот порача дека вчерашното гласање покажало оти мнозинството Израелци сакаат Нетанјаху да си замине.

Испишавме историја, стојам овде пред вас возбуден. Утрово народот на Израел излезе на референдум за тоа како лидер треба да го води Израел во наредните години. Вечерва го добивме одговорот, јавноста се одлучи за промени. Коалицијата на неуспехот ја изгуби довербата од народот. Израелската јавност гласаше против продолжувањето на Нетанјаху како премиер, изјави ајзенкот.

Предвидувањето конечен победник е тешко во Израел, особено затоа што имаше невообичаено висока излезност од дури 77 проценти, а посебно изненадување приредија и Израелските Арапи, кои исто така масовно излегоа на гласање.

Тоа резултираше со рекорден број пратеници на Арапските партии во израелскиот Кнесет, што беше постигнато на сметка на помалите израелски партии кои поради високиот одзив не успеаја да го поминат изборниот праг од 3,25 проценти.

Сега, не е незамисливо сценарио во кое идната влада на Израел ќе мора да се формира токму со амин од арапските партии, иако соработка со нив категорично отфрлија и Нетанјаху и Ајзенкот.

Како можете да зборувате за заветот на службата кога се здружувате со оние кои ги нападнаа нашите служители, војниците на ИДФ. Со оние кои не само што не ѝ служат на државата, туку им служат на нејзините непријатели, порача Нетанјаху.

Единствено што е јасно по вчерашните избори е дека ниту една од коалициите нема да освои мнозинство, а изборот за потенцијалните коалициски партнери е значително смален со подемот на арапските партии.

Игор Трајков