Франција се подготвува за нови масовни протести, поради што властите воведоа строги ограничувања за одржување демонстрации и најавија засилено полициско присуство низ земјата. Се очекува стотици илјади граѓани да излезат на улиците во Париз и во другите француски градови, на протестите организирани од студентски здруженија, синдикати и антивладини групи.
Министерството за внатрешни работи најави распоредување на 70.000 полицајци со цел да се спречат нови инциденти и нарушување на јавниот ред. Мерката доаѓа по критиките од опозицијата дека властите не биле подготвени за размерите на немирите што се случија на 17 октомври.
Францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нуњез, порача дека полицијата ќе реагира решително против лицата кои учествуваат во насилства, вандализам и грабежи. Тој предупреди и на повици за насилни дејствија што, според него, се шират на социјалните мрежи од радикални левичарски групи.
Во изминатите денови, стотици лица беа приведени и изведени пред суд поради сомневања за учество во вандализам, подметнување пожари и ограбување објекти.
Протестниот бран започна со барања на средношколците за подобри услови во образованието и решавање на недостигот од наставен и друг персонал. Подоцна, во одредени делови од земјата, демонстрациите беа проследени со насилни инциденти.
Францускиот претседател Емануел Макрон во петокот разговараше со претставници на средношколците, кои соопштија дека добиле конкретни ветувања од властите, но истовремено повикаа на продолжување на мобилизацијата. Од претседателскиот кабинет најавија дека владата од понеделник ќе започне со преземање мерки за подобрување на условите во средното образование.
Во Париз, на маршот организиран од студентски синдикат, со поддршка од работнички организации, е одредена рута надвор од централното градско подрачје. Во меѓувреме, се преземаат дополнителни мерки за заштита на јавните објекти и деловните простори.
Поради безбедносната ситуација, музеите Лувр, Орсеј и Пикасо најавија затворање, додека натпреварот на фудбалскиот клуб Пари Сен Жермен е презакажан за понеделник. Сопствениците на продавници и други деловни објекти дополнително ги обезбедуваат своите излози, стравувајќи од можни инциденти за време на протестите.












