Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Предизборен молк во Србија – „Студентската листа – Студентите победуваат“ е главна опозициска сила

/

Свет

Сподели преку :

Предвремените парламентарни избори во Србија се одржуваат утре. Изборниот молк започна на полноќ и ќе трае до недела во 20 часот. Гласањето ќе се одвива на вкупно 8.392 избирачки места. 18 изборни листи се натпреваруваат за 250 места во српскиот парламент.

„Студентската листа – Студентите победуваат“, главната опозициска сила на предвремените парламентарни избори, синоќа на плоштадот „Славија“ во Белград го одржаа својот последен предизборен митинг.

Стотици илјади поддржувачи на српското младинско движење што протестира се собраа, претставувајќи предизвик за моќниот популистички лидер на земјата, Александар Вучиќ. Маси луѓе пристигнуваа на централниот плоштад „Славија“ од сите правци, исполнувајќи неколку градски блокови во околината. Демонстрантите кои вееја знамиња, извикуваа „Победа“, исполнети со оптимизам пред предвремените избори што ќе се одржат во недела.

„Речиси две години се бориме за победа во оваа земја, во која младите конечно ќе бидат оние што ќе ја избираат иднината“, изјави студент.

„Бројот на луѓе е навистина неверојатен, се гледа дека луѓето навистина веруваат дека нешто може да се промени. Тие не се принудени да бидат овде, не се платени, тие навистина веруваат во нешто. Затоа сме сигурни во апсолутна победа. Ова само покажува колку позитивна енергија и колку надеж имаме сите ние“, вели студентот Стојановиќ.

„Ова навистина трае предолго, луѓето побараа промена. Се надевам дека во понеделник, конечно, ќе ја добиеме онаа промена што навистина ни е потребна како општество. Сигурна сум дека студентите ќе победат“, вели жителка на Белград.

Српска напредна партија на Александар Вучиќ вчера, исто така, одржа предизборен собир. Тој се заблагодари на толпата, додавајќи дека неговите поддржувачи не „штитат ничија фотелја, ниту пак нечија влада“.

„Ви благодарам за оваа невидена енергија. Таква енергија не може да се види кај луѓе кои се на власт една или две години, а камоли 14. Но, знам дека вие знаете дека не штитите ничија фотелја, ниту нечија влада, туку ја штитите државата. Вие знаете како да ја заштитите Србија. Затоа има толку многу енергија во вас. Толку многу сила“, изјави Вучиќ.

Критичарите го обвинуваат Вучиќ за распространета корупција, врски со организираниот криминал и задушување на демократските слободи, особено во однос на медиумите, обвинувања што тој ги негираше.

Сомнежите за корупција на високо ниво во државните железнички проекти поттикнаа протести предводени од студенти, откако во ноември 2024 година, при уривање на настрешница на железничка станица во Нови Сад загинаа 16 лица.

Кристина Николова Кузмановски