Барање за намалување на работничките плати на мала врата е предлогот на Сојузот на стопански комори работниците да се плаќаат по работен час, реагира Сојузот на синдикати на Македонија.
Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Горан Ѓорѓиевски вчера рече дека тие се против намалување на бројот на државни празници, но бараат работниците да се плаќаат по работен час за да се зголеми продуктивноста. Според него, тој модел ги фаворизира работливите, кои на овој начин ќе може да заработат повеќе. Според него, вработениот ќе може еден ден да работи три часа, друг ден пет часа итн. Заменик министерот за економија Марјан Ристески вели дека нема добиено официјален предлог, но ако стигне тоа е една од опциите кои треба да се разгледуваат на Економско социјалниот совет, каде што учествуваат и синдикатите.
За синдикалците ова е уште еден од низата предлози со кои се задира во работничките права. Работодавачите и сега треба да го платат секој час прекувремена работа за 35 отсто повеќе, но тоа најмногу се злоупотребува и не ги евидентираат. Бараат поголема институционална контрола за да се заштитат работниците и да им биде платен секој одработен час.
„Да не ни зборуваме за тоа колку е мизерна саатницата во Македонија за работниците на минималец кој изнесува 155 денари во нето, па затоа измислуваат теми за дефокус од најважната тема, а на газдите им се овозможува да ги држат работниците со најниска минимална плата и најниски плати воопшто. Па од тука легитимно е да се постави прашањето: „Дали бараат работникот да биде платен за секој одработен час или бараат начин да му исплатат помалку?“, прашува Сојузот на синдикати на Македонија“, велат од Сојуз на синдикати на Македонија
Стопанската комора на Македонија претходно предложи намалување на бројот на државни празници, затоа што според нив се премногу, што наиде на жестоки реакции од Синдикатите, но и од јавноста. Премиерот Христијан Мицкоски потоа реагираше дека веќе стекнатите права треба да се почитуваат.
Срѓан Стојанчов













