Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Нови цени на горивата, за дизелот се бара дополнителен попуст од ОКТА

/

Економија

Сподели преку :

Дизелот поскапува, бензините поевтинуваат. Регулаторна ги објави новите цени на горивата, од владата, пак, уверуваат – се преговара со ОКТА за дополнителен попуст. Со новите одлуки на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), цената на дизелот од ноќеска на полноќ се зголемува за два денара, па така литар ќе чини 99 денари. Бензините поевтинуваат за 2,5 денари. Со ваквата одлука литар од 98-цата ќе чини 98 денари, а од 95-ката 96 денари.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 4,1, кај дизелот зголемувањето е во просек за 2,9, пишува во соопштението на РКЕ. 

Премиерот Мицкоски, пак, тврди дека се преговара со ОКТА за дополнителен попуст, барем кај дизелот.

„Продолжуваат преговорите со снабдувачот ОКТА, за дополнителен попуст да има и мислам дека сме близу до решение за дополнителни два денара по литар да имаме барем кај дизелот намалување на цената“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Неизвесноста за тоа што ќе се случува со глобалните тензии, повлече продолжување на ценовните одлуки. Денеска на владина седница ќе се продолжи мерката намалено ДДВ за дизелот од 18 на 10 отсто и намалената акциза.

Во меѓувреме, до средината на април се продолжи и кризната состојба, поради можност од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати. Мицкоски уверува дека до крајот на годинава нема да има проблеми во снабдувањето, а такво сценарио не очекува ниту следната година.

Минатата недела, пак, берзите на нафта затворија со скоро 110 долари за барел, но и оваа недела ја стартуваат со слична цена.

Ирена Чачкова