Асоцијацијата за е-трговија објави дека во првата половина од 2026 година вредноста на вкупните трансакции направени кон е-продажни места од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички изнесува 32,611.2 милиони денари или 530,3 милиони евра, што преставува пораст од 14.1% во однос на истиот период минатата година.
Кон македонските е-трговци биле направени онлајн трансакции во вредност од 18,597.6 милиони денари или 302.4 милиони евра од домашни и странски иматели на платежни картички, односно остварен е пораст од 14.9%.
Од оваа вредност, македонските иматели на платежни картички кон домашните е-трговци реализирале 16,694.5 милиони денари или околу 271,5 милиони евра, со раст од 13,9%. Истовремено, имателите на странски платежни картички кон македонските е-трговци реализирале 1,903.9 милиони денари или околу 30,9 милиони евра, што претставува раст од 23,8% во однос на истиот период лани.
– „Податоците за првата половина од 2026 година покажуваат дека е-трговијата продолжува да расте, но со поумерена динамика во споредба со силниот скок од 34% што го видовме минатата година. Особено позитивно е што раст бележат и домашните е-трговци, кон кои вредноста на трансакциите е зголемена за речиси 15%. Истовремено, кај купувањата од странство гледаме интересна промена. По експлозивниот раст на бројот на трансакции минатата година, кој во голема мера го поврзувавме со појавата на платформите како Temu, во 2026 година динамиката се стабилизира, додека просечната вредност на трансакцијата повторно расте“, вели претседателката на АЕТСМ, д-р Нина Ангеловска Станков.
Според податоците на Народната банка, заклучно со јуни 2026 година регистрирани се 2.408 места на продажба за е-трговија, наспроти 2.240 на крајот на 2025 година.
Просечната вредност на онлајн трансакција во првата половина од 2026 година изнесува околу 34,6 евра, што претставува раст од приближно 3,7% во однос на истиот период минатата година.












