Францускиот премиер Себастијан Лекорн побарал од локалните власти во земјата да воведат „низа делумни полициски часови“, почнувајќи од вечерва, како мерка за заштита на деловните субјекти.
По состанокот на меѓуминистерскиот Кризен штаб, тој најави дека ќе објави детали во текот на денот, пренесуваат медиумите.
Од утре, најави Лекорн, владата ќе почне со примена на програмата за случаи за делумна невработеност за економските субјекти што се погодени со нередите, што ќе бидат финансирани во целост.
„Станува збор за мерка што е насочена за зачувување на работните места, бидејќи не доаѓа во предвид дека по физичкото уништување што се случи, да следуваат и социјални последици во вид на губење на работни места“, рече Лекорн.
Тој порача до Французите дека мора да сфатат оти нередите се организирани на невиден начин, особено преку ден од крајната левица, а навечер од општата деликвенција.
Бранот на насилни протести во Франција почна кон средината на септември како локален бунт на учениците и наставниците во едно средно училиште во Кретеј, сиромашно предградие на Париз. Како причина беа наведени катастрофални услови во образованието. Протестите подоцна се радикализираа и проширија на средните училишта и факултетите, проследени со масовни блокади и судири со полицијата.
Кон протестите се придружија и синдикатите, родителите и активистите од поранешното движење „Жолти елеци“. Кон барањата за реформи во образованието, следуваа и масовни протести против високите животни трошоци, раст на цената на горивата и владините мерки на штедење.












