Гумени куршуми, шок-бомби, солзавец и водени топови… Петти ден од антивладините демонстрации во Албанија, дел од улиците на Тирана денеска наликуваа на воена зона. Илјадници Албанци протестираа пред Министерството за образование, фрлајќи камења и јајца врз полицијата. Локалните медиуми јавуваат со десетици повредени, властите објавија за приведувања на 500-тини демонстранти поради кршење излози и палење на контејнери и државни објекти и 120 полицајци кои побарале лекарска помош.
Причините за протестите во Албанија се незадоволство од образовниот систем, високите трошоци за студирање и слабите можности за вработување, демонстрантите ја обвинуваат власта за корупција и бараат оставка на премиерот Еди Рама.
„Тука сме за да ги побараме нашите права, студентските права, за сè она што досега ни беше ускратено. Сакаме образовни стандарди какви што има во земјите од ЕУ, бидејќи ништо не е онака како што треба да биде. Сè мора да се промени, почнувајќи од владата, образованието и сите јавни институции“, вели Мерлинда Марко, демонстрантка од Тирана.
„Пред сè, премиерот мора да поднесе оставка. Мора да се формира нова влада која ќе понуди подобри услови за студентите“, порача Ленди Лоле, демонстрант од Тирана.
Високите трошоци за живот, нееднаквоста, јавната потрошувачка и животниот стандард се причини за протести и во Франција кои според странските агенции се едни од најнасилните во последните неколку години. Судири меѓу демонстрантите и полицијата се забележани во неколку француски градови.
Демонстрантите во флуоросцентни елеци блокираа улици, палеа контејнери и оштетуваа јавен имот на што полицијата одговори со солзавец. Според властите, регистрирани се 140 протести надвор од Париз со над 30.000 учесници, а вандализирано е градското Собрание во Марсеј.
Сцените од Франција овие денови наликуваат на оние од движењето „Жолти елеци“. Француските медиуми јавуваат за десетици повредени демонстранти, меѓу кои и тинејџер кој ја загубил дланката од шок бомба, а министерот за внатрешни работи изјави дека се повредени повеќе од 900 полицајци.
„Протестираме против сето ова, како и против високите цени на горивата, бидејќи ова денес е за студентите и за сите матуранти кои се излезени на улиците“, рече демонстрант од Париз.
„Ви се молам, кога на некој град ќе му направат долгови, кога државата ви е во дефицит, а нашите банки ќе ни земат 20 евра, ако ни фалат за сметки, без да ни бараат извод за состојба на сметка. Секој пат исто, па… доста ни е, доста ни е“, реагира демонстрантка.
Илјадници луѓе денеска протестираа и низ Лисабон за подобри плати и против зголемените трошоци за живот. Демонстрантите изразија незадоволство и од здравствениот систем и од состојбата во државните училишта.
„За мене, проблемот е во образованието. Имам деца и гледам ужасна иднина за нив. Здравството е, исто така, ужасно. Сите имаме некој болен во семејството, а тие не ја добиваат потребната помош. Финансиски, владее хаос. Немаме доволно пари за да платиме сè, дочекуваме крај на месецот со празен паричник. Парите одат за гориво, а во супермаркет секој месец оставаме сума за која, сликовито кажано, би можеле да продадеме бубрег. Тоа е срамота, а луѓето веќе дојдоа до крајните граници на издржливост“, рече Ванеса Карвалјо, демонстрантка од Лисабон.
Протести денеска и во Белгија. Полицијата во Брисел, Андерлехт и Лиеж уште од утрината се судри со студенти и нивни поддржувачи кои протестираа против најавените реформи во образованието, мерки за штедење, условите за работа, нееднаквоста и полициската репресија. Демонстрантите поставија барикади на улиците и фрлаа предмети кон полицијата која одговори солзавци и водени топови.
Сашко Димовски












