Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Лидерите на ЕУ далеку од договор за новиот буџет

/

Свет

Сподели преку :

Шефовите на држави и влади денеска и утре ќе ги продолжат повеќе месечните дискусии за новата седумгодишна финансиска рамка, која во моментов е далеку од надминување на своите разлики иако рокот за нејзино усвојување е во декември.

Во основа, земјите членки се поделија во два кампови околу начинот на кој треба да се соберат предвидените речиси 2 трилиони евра за европскиот буџет. Едниот сака зголемување на националните придонеси во буџетот од државите, додека другиот предлага зголемување на ставката „сопствени ресурси“, преку воведување повисоки такси за онлајн обложувалниците.

Ова не е ниту појдовна точка за дискусија. Како што повеќе пати порачавме од Шведска, ова е сосема незамисливо. Ние веќе значително придонесуваме. Земјите кои се против продолжување кон овој предлог веќе придонесуваат 70 проценти од поддршката за Украина и 40 проценти од вкупниот приход на ЕУ. Шведска не е банкомат на ЕУ, и токму тоа утрово им го кажав на моите колеги, порача шведскиот премиер улф кристерсон.

Постигнувањето консензус меѓу двата кампови се сведува на постигнувањето договор помеѓу францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, но проблемот е што и двајцата се под сериозен политички притисок во своите држави, што им го ограничува просторот за маневрирање.

Макрон е на крајот од својот мандат, но непосредни одлуки ќе имаат сериозно влијание врз претседателските избори во франција, каде двајцата главни фаворити се кандидати од екстремната десница и левица, па разбирливо е што францускиот претседател сака да се осигури дека неговата земја нема да плаќа повеќе.

Мерц пак, е сериозно ослабен по трите убедливи порази на регионалните избори минатиот месец, а во исто време германската индустрија бара одврзување на кесето, наместо стегање на коланот, што го посакува конзервативниот канцелар.

Потребна ни е добра повеќегодишна финансиска рамка. Секако, сите сакаат да побрзаме, но поважно е да имаме добар договор отколку лош. Во моментов, предлозите на ирското претседателство не се доволно добри за да се постигне договор, и мораме да ја намалиме и модернизираме оваа финансиска рамка ако сакаме таа да биде во добра состојба во иднина, смета холандскиот премиер роб џетен.

Амбициозната агенда, која според извори од Брисел е една од најголемите изминативе години, лидерите сакаат да ја заокружат со продолжување на дискусијата за приемот на нови членки, каде Црна Гора и Украина со нетрпение очекуваат добри вести.

Пред проширувањето на клубот, шефовите на држави и влади сакаат да разгледаат и дополнителни начини како да ја зајакнат поддршката за Киев во војната против Русија, во очи на повторното заладување во односите на американската администрација со претседателот Зеленски.

Игор Трајков