Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

По успешната операција на белите дробови Папата Лео XIV е во добра здравствена состојба

/

Свет

Сподели преку :

По одредената дијагноза рак на белите дробови, Папата Лео XIV е успешно опериран на десното белодробно крило, соопшти Ватикан. Операцијата траела 90 минути и била извршена во болницата Џемели во Рим.

„Операцијата беше успешна и немаше никакви компликации“, соопшти Ватикан додавајќи дека грутката првпат била откриена за време на „рутински проверки“.

При зафатот отстранет е целиот долен лобус на десното белодробно крило со цел постапката да биде целосно успешна. Се очекува папата да остане во болница околу една недела пред да се врати на секојдневните активности. Верниците низ целиот свет се загрижени за неговата состојба.

  • „Ако е поради неговото здравје, секако дека мора да откаже, мора да направи пауза и да се одмори, бидејќи не смее да ризикува. Патувањето овде во Перу е многу исцрпувачко, а целата турнеја што ја има овде е… да не зборуваме за тоа дека на северот сонцето е пеколно,“ рече Хорхе Авила, верник.
  • „Не знаев што се случило по неговата операција; дури утрово дознав дека ќе го оперираат, но секако дека е многу тажно да се слушне таа вест. Сè што можеме да направиме е да се молиме што поскоро да оздрави, бидејќи процесот на закрепнување е долг,“ рече Ирма Флорес, верник.

Извор од Ватикан брифираат дека се вршат дополнителни испитувања за да се утврди дали има некакви знаци оти ракот се проширил. Папата Лео XIV уште во неделата ја соопшти веста за својата операција обраќајќи се од балконот на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан.

Тој рече дека јазолот, односно израстокот на неговото белодробно крило, бил „локализиран“ и откриен „во многу рана фаза“ и дека лекарите му препорачале да го отстрани.

Онколозите прогнозираат дека дури и ако анализите покажат дека јазолот е канцероген, шансите на Лео да заздрави се „одлични“.

  • „Американскиот понтиф понуди ретко ниво на транспарентност за неговиот здравствен проблем, објавувајќи го откривањето на малиот, локализиран јазол за време на неговата неделна пладневна молитва. Онколозите велат дека дури и ако се покаже дека јазолот е канцероген, шансите на Лео да заздрави се „одлични“ бидејќи ќе биде отстранет во рана фаза,“ пренесува Паоло Санталусија, Асошиетед прес.

Јазлите се прилично честа појава и не е нужно да бидат канцерогени. По извршените испитувања, медицинскиот тим потврди дека станува збор за пулмонален аденокарцином.

Од Ватикан нагласија дека поглаварот на Римокатоличката црква, за кого генерално се смета дека е во добра здравствена состојба, немал никакви симптоми на инфекција или болест.

Седумдесет и едногодишниот Папа се вратил во својата соба по операцијата која ја изврши тим предводен од главниот торакален хирург на „Џемели“, д-р Стефано Маргаритора.

Билјана Ставрова