И јавниот долг и минусот во буџетот ги пробиваат зацртаните црвени граници. Дел од економистите со коментари по вториот ребаланс на буџетот кој Владата го скрои пред неколку дена.
Со новото прекројување на државната каса, стигнаа и уверувања дека нема да има измени кај долгот и кај дефицитот, но и покрај ваквите тврдења познавачите предупредуваат дека долгот оди над 60 проценти од БДП, со што практично се пробива таканаречената црвена линија и со што се отвора прашањето колку ваквото темпо ќе ја чини државата во иднина.
Тие фискални правила предвидуваат висина на јавен долг од 60 проценти во однос на БДП. Ние веќе ја имаме надминато оваа граница тоа се општо прифатени критериуми за добро управување со јавниот долг. Надминувањето на оваа граница не значи дека, Македонија во наредниот временски период нема да може да се задолжува, меѓутоа притисокот врз буџетот ќе се зголемува, идните задолжувања е непредвидливо по која каматна стапка ќе бидат, какви ќе бидат состојбите на пазарите на капитал, изјави за Телма, Кирил Миновски, поранешен министер за финансии.
Според, последните официјални податоци, јавниот долг заклучно со вториот квартал е над 10, 7 милијарди евра или речиси 59 отсто од БДП. Во документите од финансии пак стои дека е предвидено да надмине 60 процент и со такво темпо да се движи до 2028 година.
Со новиот ребаланс пак, пристигна и ново задолжување од 150 милиони евра со мини еврообврзница, со камата од 5,25 отсто. Министерката за финансии потенцира дека задолжувањето е планирано. Но, познавачите предупредуваат дека цената за овие пари е над процентот на раст кој го испорачува земјава.
Тоа значи дека ако каматната стапка со која се задолжуваме е повисока од растот, во тој случај дека не креираме ние доволно додадена вредност за алиментирање на нашите потреби едноставно за креирање на подобар животен стандард за граѓаните. Ние имаме многу слаба економија, лоша структура на економија, фокусирани сме на сектор услуги што е дискутабилно колку е тој сектор одржлив во наредниот период, додава Миновски.
Со новото прекројување на државната каса се скратија по 86 милиони евра и кај приходите и кај расходите. Останува проекцијата за дефицит од 4,1 отсто од БДП што е над зацртаната граница, за раст од 3, 5 проценти и инфлација од 3, 8 отсто.
До крајот на година најверојатно ќе има уште една проверка на касата – односно ќе се оди со пренамена на средства.
Ирена Чачкова












