Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Функционери на ЕУ го осудија нападот врз аеродромот во Ријад

/

Свет

Сподели преку :

„Опасна ескалација“ која ги дестабилизира клучните глобални транспортни и енергетски јазли, вака претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен го нарече нападот врз аеродромот во Ријад.

Таа на социјалната мрежа Икс (X) напиша дека е неопходно да се прекине со „убиствените напади врз цивили“.

„Најсмртоносниот напад на Хутите досега врз аеродромот во Ријад претставува опасна ескалација. Нашите мисли се со жртвите и нивните семејства. Солидарни сме со Саудиска Арабија и нејзиниот народ“, напиша претседателката на Европската комисија.

Нападот го осуди и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас, оценувајќи дека станува збор за ужасен терористички чин.

„Нема оправдување за неселективните напади врз цивили и цивилна инфраструктура“, објави таа на X.

Калас наведе дека е во близок контакт со својот саудиски колега и додаде дека е неопходно зајакнување на соработката меѓу поморската мисија на ЕУ во Црвеното Море и поморската коалиција предводена од Ријад.

Како што е најавено, министрите за надворешни работи на ЕУ утре ќе разговараат за ескалацијата на тензиите во регионот.

Најмалку 12 луѓе загинаа, а 309 беа повредени во вчерашниот напад на јеменските бунтовници Хути врз меѓународниот аеродром „Крал Халид“ во Ријад, соопштија саудиски официјални лица.

На најновиот ракетен напад врз меѓународниот аеродром во Ријад му претходеа два смртоносни напада.

Во нападот на 8 октомври загинале тројца саудиски државјани, додека еден ден претходно, на 7 октомври, во одделен напад врз аеродромот загинал државјанин на Судан.

Саудиската управа за цивилно воздухопловство и по претходните напади известила за загинати и повредени лица, како и за причинета материјална штета.