Во време кога секој долар повеќе на бензинските пумпи носи и политички притисок, Доналд Трамп отвора врата за рускиот дизел на американскиот пазар. Според најавата на американскиот претседател, Русија веднаш треба да испорача 300 илјади тони дизел, во ноември уште 500 илјади, а потоа дополнителни количини.
Американското Министерство за финансии, според објавените информации, привремено ги суспендира санкциите за извоз на руски дизел до 7 април. Но, останува нејасно што Москва ќе добие за возврат и какви се конкретните услови на договорот.
– Тоа е голем договор. Станува збор за огромни количества нафта што пристигнуваат во нашата земја. И сакам да му се заблагодарам на претседателот Путин, да бидам искрен со вас. Во нашата земја пристигнуваат огромни количества нафта, и тоа дизел – токму она што го сакаме, изјави американскиот претседател.
Од Киев веднаш пристигна остра реакција. Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Русија ќе го искористи овој потег како поттик за продолжување на агресијата.
– Сметам дека нашиот тим едноставно се користи како параван. И тоа секако не е фер. Тоа секако не е начинот на кој партнерите треба да се однесуваат едни кон други. Според мене, ова е слаба одлука – за жал, слаба одлука од страна на силни партнери, порача Зеленски.
Но, зад политичката бура стои и едно клучно прашање – дали рускиот дизел ќе донесе олеснување за американските потрошувачи? Аналитичарите се скептични. Првата испорака, според процените, изнесува околу 2,25 милиони барели, додека дневната потрошувачка на дизел во САД е приближно 3,8 милиони барели.
Тоа значи дека првичната количина тешко може значително да ги намалат цените на пумпите. Меѓувреме, цената на дизелот во САД се движи околу 6,28 долари за галон, а цената на суровата нафта „Брент“ останува над 103 долари за барел. Енергетскиот притисок дополнително се засилува од војната со Иран, која ги наруши глобалните пазари и ги поскапе горивата.
НОВИНАР: Зеленски рече дека поради тоа сте слаби. Тој штотуку ве критикуваше.
ТРАМП: Кој го рече тоа?
НОВИНАР: Зеленски, украинскиот претседател. Токму сега рече дека сте слаби поради договорот што го склучивте со Украина.
ТРАМП: Добро, продолжете.
НОВИНАР: Зеленски рече дека договорот за дизел е слаб потег на силен партнер, кој само ќе ја одолговлечи војната. Дали ова охрабрува.
ТРАМП: Од силен што?
НОВИНАР: Од силен партнер. Што само ќе ја одолговлечи војната.
ТРАМП: Па, ние сме силен партнер. Всушност, не, нам ни е потребна нафта за светот. А ова е дизел, што е она што ни треба. Така што, многу сме задоволни што го добиваме. Многу сме задоволни што го добиваме. Видете, ни треба. Цените на нафтата веќе вртоглаво паѓаат. Така што, многу сме задоволни што го добиваме.
Договорот отвора и поширока политичка дилема. Вашингтон досега вршеше притисок врз Москва преку санкции, а новиот потег може да предизвика критики од европските сојузници и од американските поддржувачи на Украина.
Москва не откри дали Вашингтон ветил отстапки во замена за горивото, а Кремљ соопшти дека Путин и Трамп разговарале пријателски и дека рускиот претседател ги поздравил напорите за дијалог, но ја задржал непроменета позицијата за војната во Украина.
– Лидерите на двете земји детално разговараа за подготовката на економски иницијативи од голем обем, вклучително и за можните испораки на руски нафтени деривати на пазарите во САД и на глобалниот пазар, вели советникот на рускиот претседател за надворешни работи, Јуриј Ушаков.
Дополнителен проблем е што руските рафинерии се соочуваат со последици од украинските напади со беспилотни летала, поради што производството на дизел е значително намалено.
Жителите на Киев со негодување реагираат на договорот меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин за испорака на руски дизел, стравувајќи дека приходите од продажбата ќе ја финансираат руската војна против Украина.
– Всушност, неговата одлука дополнително ги вознемирува луѓето, бидејќи Трамп уште еднаш го покажа своето вистинско лице. Нему не му беше грижа за ситуацијата, за гранатирањето или за уништувањето на нашите домови. Единственото што го интересира се нафтата, односно цените на горивото и колку треба да плаќаат Американците. Но, за Украинците воопшто не се грижи, вели Олександar Петренко, жител на Киев.
Трамп се обидува да ја намали цената на горивата пред важните конгресни избори во САД. Но, останува неизвесно дали договорот со Москва ќе донесе реално олеснување за американските граѓани или ќе ја продлабочи недовербата меѓу Вашингтон и неговите европски сојузници.
Во обидот да ја намали сметката на пумпите, Трамп отвора нов фронт – овојпат на дипломатскиот и политичкиот терен.
Александар Петрески












