На 24 август 2024 година, извршниот директор на „Телеграм“, Павел Дуров, беше уапсен во Париз, што предизвика бурни реакции во светската јавност. Овој француско-руски технолошки милијардер се соочува со истрага, со што повторно се разгореа дебатите во ЕУ за одговорноста на платформите и се привлече вниманието на целиот свет, вклучително и на „Силиконската долина“.
Клучното прашање кога станува збор за „Телеграм“ и неговиот мистериозен основач е прилично едноставно: дали Павел Дуров е херој или негативец? Дали „Телеграм“ е некаков вид засолниште за екстремисти и пропагандни пораки? Или, пак, е застапник на слободата на говорот, приватноста и дисидентите? „Телеграм“ често се опишува како апликација за размена на пораки, социјална мрежа, па дури и како медиум, но никој не го нарекува она што всушност претставува: голем нарушувач на правилата што важат во офлајн светот. Исто како „Убер“ (Uber) и „Ер-би-ен-би“ (Airbnb), само што овојпат станува збор за споделување вести. Во ерата на дигитални заштитни ѕидови, геополитички технолошки војни и огромни антимонополски казни, „Телеграм“ продолжува да функционира како да сме сè уште во раните денови на интернетот – време кога тој беше целосно слободен систем што пркосеше на границите и на државната контрола.












