Не само што изминативе денови се проширија низ целата држава, туку од денеска на средношколските протести им се придружија и родителите и дел од синдикатите во Франција. Протестите започнаа пред неколку недели со блокади во неколку училиште во посиромашните предградија на Париз, но брзо се проширија низ целата француска престолнина.
Меѓу основните барања на средношколците се подобри просторни услови во согласност со климатските промени, пополнување на недостатокот на наставници и намалување на траењето на часовите, кои се најдолги во Европа и не е необично да започнат во 8 часот наутро и да траат до доцните попладневни часови.
Делумна причина за постојаното проширување на протестите е и релативно остриот одговор на властите, што резултираше со судири меѓу средношколците и полицијата. Најмалку 215 лица, најголемиот дел од нив малолетни тинејџери беа повредени само во текот на минатата недела, а повеќе од 5.000, исто така мнозинството од нив деца, беа уапсени во истиот период.
За жал насилството веќе влијаеше врз барањата на средношколците. Гледам денеска дека многумина во медиумите го поистоветуваат средношколското движење со урбаното насилство на кое сведочиме. Ако можам да испратам една порака до средношколците тоа ќе биде да бидат одговорни, да не подлегнуваат на насилството кое ни наштетува затоа што им дозволува на оние кои сакаат да нѐ дискредитираат, да нѐ прикажат како неинтелигентни и насилни, бидејќи едноставно тоа не е точно, изјави претседателот на националната средношколска унија, натаниел комбари.
Токму одговорот на властите овозможи овие протести да добијат и политичка димензија. Крајната левица предводена од претседателскиот кандидат Жан Лук Меланшон, кој својата кампања ја фокусира на привлекување на младите гласачи, ги поддржа протестите и мноштво нејзини функционери често се во првите редови на блокадите.
Владата на Макрон, и покрај тоа што се обиде да ги неутрализира протестите, го имаше идентификувано проблемот од претходно и во неодамна усвоениот нов буџет предвиде дури 65 милијарди евра за подобрување на условите во образовниот систем
Игор Трајков












