Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

eVTOL летало – ново воздушно такси

/

Свет

Сподели преку :

Британската компанија за развој „Vertical Aerospace“ соопшти дека е на само еден чекор од создавање електрично летало што ги исполнува условите за сертификација. Компанијата го претстави еден од своите eVTOL-прототипови, електрично летало со вертикално полетување и слетување. Тоа е летало што често се опишува како воздушно такси.

Идејата е во една машина да се спојат два различни начина на летање. Неговите пропелери се насочени нагоре за да може да се крене и да лебди како хеликоптер, а потоа се навалуваат за движење нанапред, при што крилјата го носат леталото слично како кај конвенционален авион.

На аеродромот „Котсволд“ во Англија, британската компанија за развој на електрични воздухоплови „Вертикал аероспејс“ (Vertical Aerospace) врши летови со прототип во природна големина на технологијата за која се надева дека на крајот ќе превезува патници на кратки релации, без потреба од конвенционална писта.

-eVTOL е кратенка за електрично вертикално полетување и слетување. Ако тоа се преведе на обичен јазик, станува збор за фантазијата за летечки автомобили – она што го гледавме во цртаниот филм ’Џетсонови‘ пред 50 години. Пред пет години, 200 компании се обидуваа да го постигнат ова. Денес, ние сме една од само двете компании во целиот свет што успеаја да изведат целосно електрично вертикално полетување, да летаат како авион, да го сопрат леталото од четири тони во воздух и вертикално да слетаат, вели Стјуарт Симпсон, извршен директор на Vertical Aerospace.

Но, за да се подигне експериментално летало во воздух, потребно е многу повеќе од само вклучување на моторите.

Прототипот сè уште лета во контролирани услови за тестирање, при што екипажите ги проверуваат неговите електрични системи, погонот, командите за управување и безбедносната опрема пред секој лет.

Откако ќе се добие дозвола, леталото се преместува на пистата, а неговите пропелери се поставуваат за вертикално полетување.

–Станува збор за целосно електрично летало. Поседува осум независни батерии кои ги напојуваат осумте независни групи мотори. Опремено е со многу софистициран компјутер на Honeywell за контрола на летот – тоа е, всушност, „мозокот“ на леталото. Така, кога пилотот управува со леталото, тој всушност само задава команди од типот: „сакам да одам нагоре, надолу, лево, десно, побрзо или побавно“. Постојат три независни компјутери кои ги толкуваат тие команди и податоците од сите сензори на леталото, а потоа ги прилагодуваат брзината и аголот на пропелерите, како и стандардните контролни површини; целиот процес се одвива автоматски, како при нормален лет, така и во случај на дефект, велиМајкл Червенка, главен директор за технологија во Vertical Aerospace,

Програмата за тестирање на „Вертикал“ (Vertical) веќе го демонстрираше т.н. транзициски лет – премин од вертикален лет поткрепен со ротори кон лет напред поткрепен со крила, и обратно.

Ова се смета за важна пресвртница, бидејќи леталото мора безбедно да преминува меѓу два сосема различни режима на лет додека пропелерите ја менуваат својата положба.

Но, леталото што денес лета е сè уште прототип.

Тоа послужи за да се потврди дека основниот аеродинамичен дизајн, погонот и системот за контрола на летот можат да функционираат, пред компанијата да го изгради леталото што регулаторните тела всушност ќе го оценуваат за сертификација.

Пилотот што ја врши таа задача е Сајмон Дејвис.

Од перспектива на пилотот, едноставно му кажувате на леталото каде да оди. Ја повлекувате палката наназад и тоа се крева; кога ќе ги пуштите командите, леталото самостојно лебди. Системот е високо автоматизиран и потпомогнат, па и покрај релативната сложеност што ја носат подвижните пропелери, повеќекратните мотори и сите тие елементи, управувањето е навистина неверојатно едноставно, додава  Дејвис, главен тест пилот во Vertical Aerospace,

Компанијата тврди дека развојот на eVTOL станал можен бидејќи неколку технологии созреале истовремено, особено батериите, лесните композитни структури, електромоторите и компактните компјутери за контрола на летот.

-Мислам дека навистина возбудливото е тоа што ја достигнавме пресвртната точка каде што сите основни технологии – батериите, електромоторите, лесните композитни материјали и минијатурните системи за контрола на летот, односно „мозокот“ на леталото – се развиени до степен што овозможува дизајнирање на сосема нов вид летала. Бидејќи на Запад сè уште нема сертифицирани електрични летала за вертикално полетување и слетување (eVTOL) во употреба, ние навистина се наоѓаме во предводничката улога на следниот бран во авијацијата, додава Мајкл Червенка, главен директор за технологија, Vertical Aerospace

Она што компаниите како „Вертикал“ се обидуваат да го направат поинаку е да го претворат концептот во целосно електричен и да го развијат за секојдневни цивилни патувања.

-Воведувањето на оваа технологија во цивилниот сектор за летови на кратки релации – без оглед на тоа дали станува збор за добра идеја или не – навистина би претставувало револуционерен чекор, вели Ричард Абулафија, аналитичар за воздухопловство.

Во август 2026 година, компанијата објави дополнителни обврски за финансирање во вредност од 100 милиони долари. „Вертикал“  исто така извести и за околу 1.500 летала во својата книга на нарачки, но во официјалните документи поднесени до регулаторните органи се наведува дека тие нарачки се условни и не се правно обврзувачки сè додека не се потпишат конечните договори за купување.

Цената на акциите не ја менува проценката на компанијата за нејзиниот технички напредок и оптимизмот.

Леталото што компанијата „Вертикал“ (Vertical) на крајот сака да го продава се вика „Вало“ (Valo).

Тоа се разликува од прототипот што о лета и е дизајнирано да превезува до шест лица, при што компанијата цели кон долет од околу 100 милји и брзина од околу 150 милји на час. Ова се сè уште само проектни цели за летало кое сè уште не е сертифицирано. А тој регулаторен процес е една од најголемите пречки што сè уште претстојат.

Во Британија, Управата за цивилно воздухопловство наведува дека правилата неопходни за комерцијално работење со eVTOL летала во поголем обем сè уште не се целосно воспоставени.

„Vertical“ исто така мора да докаже дека финалниот дизајн на „Valo“ ги исполнува барањата на CAA пред да добие сертификат за тип.

А бидејќи компанијата сака да врши продажба на меѓународно ниво, одобрението од Обединетото Кралство е само една од пречките.

Европската агенција за безбедност во воздухопловството и регулаторните тела во другите региони ќе треба да го сертифицираат или валидираат леталото за нивните пазари.

Во САД, FAA ги класифицира ваквите летала како летала со погон за вертикално подигнување и има развиено правила за нивно управување и за пилотите во оваа категорија, но секое поединечно летало сепак мора да ги исполни сопствените барања за сертификација.

Компанијата претходно планираше сертификацијата да се случи во 2028 година. Сè до април 2026 година, во официјалните документи на компанијата сè уште се наведуваше тој датум, но подоцна таа ја ревидираше програмата по проценката на преостанатите активности за сертификација и го помести планираниот рок за 2029 година.

Кристина Кузмановски