Македонија вечерва во Скопје загуби со 0-2 од Шкотска и го претрпе третиот пораз на трите натпревари во Лигата на нации, Б-дивизија. Серијата без победа на Македонија трае веќе 11 натпревари, а на последните седум нашата селекција нема постигнато ниту гол.
Кирон Бови го отвори резултатот уште во седмата минута, кога биеше од далечина и ѝ донесе водство од 0-1 на Шкотска. Џон Мекгин ги постави конечните 0-2 од пенал во 69. минута, откако Бојан Миовски играше со рака во нашиот шеснаесетник.
Гостите останаа со играч помалку во 83. минута, кога Скот Меккена доби директен црвен картон, но Македонија ниту со фудбалер повеќе не успеа посериозно да се закани кон голот на Шкотска.
Македонија останува последна во групата 1, без бодови и со гол-разлика 0-7. Швајцарија е прва со максимални девет бода, по вечерашната победа над Словенија од 2-1. Словенија и Шкотска се на второто и третото место во групата со по четири бода.
За три дена Македонија гостува кај Швајцарија во рамки на 4. коло.












