Во недела, на 4 октомври, ќе се одржи 22. издание на Скопскиот маратон. Годинешното издание повторно ќе има четири трки – маратон на 42 километри, полумаратон на 21 километар, трка на пет километри и штафетен маратон.
Годинава Скопскиот маратон ќе има рекорден број учесници – 15.050 натпреварувачи од вкупно 63 земји од светот.
Особено голем е порастот на бројот на пријавени во маратонската и полумаратонската трка, што според организаторите е потврда за растечкиот квалитет и меѓународниот углед на настанот.
Најавено е и учество на елитни натпреварувачи од Кенија, а меѓу главните домашни адути повторно ќе биде Дарио Ивановски. Ланскиот победник и миленик на домашната публика ќе се обиде уште еднаш да се вмеша во битката за највисок пласман.
Стартот на трката на пет километри е закажан за 8 часот од кај „Црвен Крст“ и ќе се движат кон населбата Аеродром. Маратонците, полумаратонците и учесниците во штафетната трка ќе стартуваат пет минути подоцна од пешачкиот премин кај „Рекорд“ и ќе се движат кон населбата Хром. Финишот на сите трки ќе биде на Плоштад Македонија.
Патека за трката на 5 километри.

Патека за маратонската, полумаратонската и штафетната трка.













