Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Земјоделците на протест, го блокираа патот Битола-Прилеп

/

Економија

Сподели преку :

Земјоделството е пред колапс, а производителите се на работ на егзистенција. Ова беше пораката од денешниот протест на земјоделците од цела држава, кои го изразија својот револт со едноиполчасовна блокада на патот Битола Прилеп кај Тополчани.

Сточарите побараа итна исплата на заостанатите субвенции за предаденото млеко и по грло добиток

–Со цената на нафтата и моменталната цена на млекото сме на работ на опстанок, вели Тони Петковски, сточар од Пелагонија.

Земјоделците бараат да се утврди производствената цена на пченицата, државата да обезбеди пет денари по килограм лебно зрно од интервентниот фонд и да ги исплати заостанатите субвенции.

-15 денари, 250 евра по тон, нека гарантира државата. Ако откупната цена е 10, за пет денари да стои државата. Не се исплаќа веќе, четврта жетва работиме со загуба, вели Миле Ќебакоски, земјоделец од Прилеп.

Срумичките градинари се пожалија на ниската откупна цена на ајварката.

–Оваа година помина катастрофално и луѓето се во паника дали ќе можат да ја пресретнат идната сеидбена година, вели Ванчо Паланков, градинар од Струмица.

Поради ниските откупни цени на јаболкото, бербата во Преспа сè уште не е започната, додека во Тиквешијата дел од грозјето останува необрано и скапува. Лозарите бараат дополнителна кризна мерка од државата.

-Бараме како лозари 250 илјади денари по хектар како кризна дополнителна мерка да им се даде на лозарите, без разлика дали го обрале или не., вели Зоран Јанкулов, лозар од Кавадарци.

Земјоделците предупредуваат дека ваквата состојба ќе доведе до намалено домашно производство, недостиг и повисоки цени на храната.

–Прашуваме дали на оваа држава ѝ требаат земјоделци, дали ѝ треба земјоделско производство. Ако не им требаат, нека кажат, да се откажеме сите, да се пријавиме како социјални случаи и да живееме на грбот на државата, вели Ѓорѓи Каракашов од Националната земјоделска мрежа.

Најавија дека своите барања ќе ги достават до Владата и ќе побараат средба со премиерот. За, како што велат, катастрофалната состојба и лошите аграрни политики, ќе ја информираат и Делегацијата на Европската Унија.

Емилија Мисирлиевски

 

 

Jumbo 2