Професионалните возачи мора да имаат посебен статус и за нив да не важат шенгенските ограничувања бидејќи тоа влијае на протокот на стока кон и од ЕУ. Ова е ставот на Стопанската Комора на Македонија за проблемот на транспортерите за кој засега единственото решение се билатерлни визи со државите членки на Шенген зоната.
„Ова не е миграциско прашање, туку е прашање на опстанок на европските синџири на снабдување. Вкупно 77,5 отсто од нашиот извоз оди директно во ЕУ. Не е логично возачите кои ја сервисираат европската индустрија да се третираат со истите 90-дневни шенгенски ограничувања како туристите“, рече Даниел Матракоски, Стопанска комора на Македонија
Претседателот на Стопанската Комора и на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), Бранко Азески, во Црна Гора ќе има средба со претставниците на Европската Комисија на која ќе се разговара за овој проблем.
„Бараме посебен статус, што значи изземање за професионалните возачи како мобилни економски работници од витален интерес, што би било паралелно со користењето на билатералните механизми, оние долгорочни визи од типот Д со земјите членки“, рече Даниел Матракоски, Стопанска комора на Македонија
Ставот на ЕК останува ист и нема промена на правилото 90/180 за транспортерите иако во меѓувреме ги признаа како посебна категорија. Од Брисел порачаа дека засега единствено решение на краток рок се билатералните договори и визи.
Камионџиите од Западен Балкан во април ги блокираа границите кон ЕУ а иста блокада требашпе да има пред петнаесетина дена беше откажана за да покажат добра волја и разбирање за последиците што би ги предизвикало прекинувањето на синџирот на снабдување со стоки меѓу Западен Балкан и ЕУ.
Огнен Чанчаревиќ












