Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Иран испрати нов предлог за отворање на Ормускиот теснец

/

Свет

Сподели преку :

Иран испратил предлог до Соединетите држави според кој Ормускиот теснец би можел да се отвори за една седмица и поморскиот транспорт на нафта да продолжи непречено.

Планот го објави иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, посочувајќи дека тој е условен со кревање на американската блокада на иранските пристаништа, укинување на меѓународните санкции за иранскиот извоз на нафта и прекин на огнот, во кој ќе биде вклучен и Либан.

Седумте денови ќе започнат да одбројуваат веднаш штом САД го прифатат овој предлог. Значи, ако го прифатат утре, седумте денови ќе започнат од утре. Предвидени се одредени чекори кои САД треба да ги преземат и ние сме убедени дека тоа можат да го направат за четири или пет денови. Значи, на шестиот ден, теснецот ќе биде отворен, а на седмиот ден, разговорите за постигнување конечен договор со САД ќе започнат, изјави арагчи.

Арагчи не прециризаше какви се тие чекори што Вашингтон треба да ги преземе, посочувајќи дека тие веќе биле дел од договорот од 14 точки кои го постигнаа во јуни годинава. Тоа значи дека предлогот на Техеран во многу сегменти е идентичен со јунскиот, а единствената очигледна разлика е многу побрза временска рамка.

Меѓутоа, извори од Вашингтон за американските медиуми најавуваат дека Трамп ќе го одбие предлогот. Според нив, изминативе недели, во повеќе приватни разговори американскиот претседател го изразил својот скептицизам дека ќе биде постигнат опиплив напредок во преговорите со Техеран пред изборите за Конгресот во ноември.

Скептицизмот го споделува и другата страна, од каде иранскиот претседател оцени дека главниот проблем на овие преговори е тоа што се одвиваат во атмосфера на длабока недоверба меѓу страни. Пазешкијан за тоа, секако, го обвинува Вашингтон.

После секоја рунда разговори тие нѐ бомбардираат. Односно, наместо да седнеме и да ги продолжиме преговорите, ние бевме бомбардирани. По бомбардирањето, пак разговаравме и пак нѐ бомбардираа. После тоа повторно седнавме и разговаравме и постигнавме договор, американскиот претседател го потпиша, го потпишав и јас. После две недели рекоа дека повторно пропаднало сѐ, и војната продолжи, рече иранскиот претседател пазешкијан.

Американскиот претседател тврдоглаво одбива да попушти пред домашниот и меѓународен притисок за завршување на оваа војна и отворање на Ормускиот теснец, кој е исклучително важен за глобалното снабдување со енергенси.

Изминативе недели ситуацијата беше дополнително искомплицирана откако Хути бунтовниците во Јемен ги интензивираа нападите врз саудиските танкери, откако го освоија стратешки важното пристаниште на брегот на Црвеното море, Мока, што им даде слободен пристап до Баб Ам Мандаб, другиот клучен теснец на западната страна на Арапскиот полуостров.

Игор Трајков