Преку личните кризи на силните карактери проговараме за општествените кризи. Вака режисерката Нела Витошевиќ ја објасни темата на претставата „ Три сестри“ што ја постави во Македонскиот народен театар. Премиерата ќе се одржи на големата сцена во петок (25 септември 2026 год.). Претставата е работена по мотивите на текстот „ Три сестри“ од Чехов, во адаптација на Нела Витошевиќ и Васил Христов, а во драматизација на Викторија Рангелова- Петровска. Главните улоги им се доверени на Верица Недеска, Наталија Теодосиева, Дарја Ризова, Дамјан Цветановски и Нина Деан. Со оваа премиерна изведба, МНТ за прв пат воведува титлуван превод на англиски јазик за публиката од странство. Тој ќе се користи за дел од претставите на репертоарот , во однапред определени термини.
- Она што мене ме интересираше да истражувам денес е изгубеноста на поединецот во современото општество. И да се занимавам со причините. Па така, во процесот си поставувавме прашања , зошто денешниот човек постојано има потреба да почне одново, зошто постојано живее во еден балон на очај, нереализираност, несреќа, прашува Нела Витошевиќ, режисерка и коавторка на текстот.
- Според Чехов Маша беше најстраствената сестра. Меѓутоа овде би рекла дека е најтажната сестра. Уште поточно, најистрауматизираната сестра. Таа носи голема траума со себе, сведок е на еден многу трагичен настан. И ја носи смртта на мајка ѝ со себеси секаде. За да се спаси од таа траума, таа користи многу механизми за справување, односно сарказам, цинизам…Едноставно не може да гледа кога некој друг е среќен, кажа Наталија Теодосиева за ликот на Маша што го толкува во претставата.












