„Иран треба да постигне договор, или го очекува тотално уништување“, порача американскиот претседател во своето обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Потпирајќи се на за него омиленатата форма на дипломатија, таа принудната, исполнета со воени и економски закани, Трамп повеќе пати изрече спротивставени пораки, но најмногу нагласена беше таа, постигнете договор и обновете ја државата, или очекувајте целосно уништување на Исламската република.
Трамп имаше и заклучот зошто преговорите со Техеран толку се оддолжија.
Чекаат да видат како ќе поминам на среднорочните избори, тоа што не го сфаќаат е дека јас не сум кандидат, тоа веќе бев и победив убедливо, победивме многу убедливо, и ќе бидам овде уште две и половина години. Републиканската партија учествува а јас ќе им помагам, но јас не сум кандидат. Изборите немаат апсолутно никакво значење за мене, кога станува збор за Иран, не ни помислувам на нив. Единствено што мислам е дека Иран никогаш нема да има нуклеарно оружје, порача трамп.
Префрлајќи се на другите клучни преговори во кои учествува Вашингтон, Трамп повторно тврдеше дека мировниот договор меѓу Москва и Киев е на дофат, иако и двете земји спроведуваат интензивни меѓусебни напади со беспилотни летала и ракети.
Трамп и неговата администрација уште од почетокот на мандатот инсистираат дека крајот на оваа војна е на повидок, но таа никако да заврши.
Тесно соработуваме со лидерите на Русија и Украина, и ќе го завршиме тоа. Ќе биде побрзо отколку што луѓето мислат. Доста им е, 25.000 млади луѓе, главно војници, гинат месечно. 25.000 месечно, навистина повеќе не сакам да гледам снимки од фронтот, многу се ужасни. 25.000 месечно, рече трамп.
Американскиот претседател повторно не успеа да се воздржи од упатување критики за светската организација во нејзиниот дом, обвинувајќи ја дека наметнува радикална левичарска агенда.
Трамп никогаш не криел дека сегашниот формат на Обединетите нации според него е не ефикасен и затоа треба темелно да се реформира, но, американскиот претседател нема проблем да соработува со светската организација кога тоа му одговора.
Обединетите нации беа тие кои му ја дадоа неопходната дипломатска и политичка тежина на неговиот фамозен „Борд на мирот“ за Газа, а Советот за безбедност усвои резолуција на почетокот на војната со Иран, во која ја осудува Исламската држава.
Игор Трајков












