Дебатата во Генералното собрание на ОН стартува од денеска до 28 септември , а светските лидери ќе дискутираат за глобалните предизвици и приоритети под темата „Обнова на довербата, управување со трансформацијата: Обединети нации што им служат на сите“.
Околу 130 шефови на држави и влади лично ќе присуствуваат во седиштето на светската организација во Њујорк за да ја испратат својата порака до светот.
Претседавач со 81-та сесија на Генералното собрание на ОН, што почна на 8 септември, е Халилур Рахман од Бангладеш, новиот претседател на Генералното собрание на ОН избран на таа позиција во јуни оваа година, кој ќе ја отвори општата дебата и ќе им се обрати на учесниците, по што генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ќе го презентира својот извештај за работата на Организацијата.
Бразил, во согласност со традицијата што датира од 10-тата сесија на Генералното собрание во 1955 година, е првата земја-членка чиј претставник зборува на општата дебата, со исклучоци од 1983 и 1984 година, а денес тоа ќе биде претседателот Луиз Инасио Лула да Силва.
САД, како земја-домаќин, се втората земја-членка чиј претставник, претседателот Доналд Трамп, ќе им се обрати на присутните.
Ватикан, Државата Палестина и Европската Унија се поканети да учествуваат во општата дебата.
На маргините на Генералното Собрание ,Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон во Њујорк.
Светските лидери оваа недела се собираат во обединетите нации, соочени со нови стравувања дека неконтролираната вештачка интелигенција би можела да го загрози човештвото, токму во време кога климатските шокови и растот на цените веќе го отежнуваат животот на стотици милиони луѓе.
Годишниот собир на високо ниво во рамките на Генералното Собрание на ОН ќе биде фокусиран и на големите конфликти во Иран, Газа, Украина, Судан, Конго и Мјанмар, како и на прашањето што постојано се наметнува: Можат ли лидерите да сторат нешто за да ги окончаат?












