За една година просечните месечни трошоци на четиричлено семејство пораснале за 70 евра и синдикалната кошничка во септември изнесува 69.432 денари, пресмета Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Од почетокот на годинава кошничката поскапе за над 3.000 денари, а амо во однос на минатиот месец трошоците се зголемиле за скоро 760 денари, при што поскапувањето е главно кај храната и пијалоците, облеката и обувките, како и кај транспортот.
-За само една година потребниот минимален месечен буџет е зголемен за 4.355 денари. Што значи тоа? Тоа значи дека граѓанинот, работникот осиромашува сè повеќе бидејќи цените растат, а платите не ја следат онаа инфлација или поскапувањето на артиклите. Ние некогаш гледаме дека, односно како мерило ја земаме само онаа ставка што е храната, која што сепак не е толку мала бидејќи една минимална плата многу тешко ја покрива само храната“, вели Љупчо Радовски, член на претседателство на ССМ.
Токму цената на храната е клучна во пресметките на ССМ за синдикалната кошничка бидејќи повеќе од третина, поточно 36,4% од месечните трошоци на семејството се за храна и пијалаци. Кај нас уделот на оваа ставка во вкупните трошоци е двојно поголем отколку што е случај во Европа, каде за храна и пијалоци домаќинствата трошат само околу 16% од месечниот буџет.
Од ССМ реагираат дека континуираниот раст на цените секој месец носи дополнителен товар врз семејниот буџет и сметаат дека со актуелните плати и пензии е многу тешко да се опстане.
–Мора економско-социјалниот совет да си седне и посериозно да си ја разгледа проблематиката околу стандардот на граѓаните и да се донесат соодветни мерки. Не може само да гледаме дека храната мирува во овој момент со мали покачувања од денар, два, три, четири, што во процент е многу малку во однос на она што значи од ред две години кога нагло се покачија цените се покачиле да речеме за 80%, а платата не е покачена ни за 30%. Така да мислам дека треба да се земат конкретни мерки за целокупните потреби на граѓанинот и работникот за да опстојува едно четиричлено семејство, вели Љупчо Радовски, член на претседателство на ССМ.
Од опозициската СДСМ апелираат власта да го поддржи нивниот предлог за зголемуање на минималната плата на 600 евра.
-Тоа е најмалку што можат да направат за луѓето, за работниците, за семејствата на кои што единствен приход им е минималната плата поради тоа што поради огромните трошоци едноставно луѓето не можат да врзат крај со крај. Освен што минималнара плата бараме да се зголеми на 600 евра, потребно е да се поддржат компаниите, приватните бизниси, да не им биде дополнителен товар на сопствениците со тоа што ќе се субвенционираат придонесите за тој дел за зголемување на платите, порача Филипче.
Од владејачката ВМРО со одговор: „Од СДСМ се спротивствавуваат на сè што значи економски развој, а сакаат повисоки плати“.
-Каде е Венко Филипче да се јави кога трошоците за живот се намалуваат или во најмала рака остануваат исти, ама штом види раст, ете го, веднаш се јавува. А во однос на потрошувачката кошница која ја изработиле Трендафилов и ССМ, му порачуваме дека не им држи вода, затоа што владината просечна кошничка е за 10% поевтина, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Со цел да се помогне на домаќинствата и да не се намали куповната моќ на граѓаните, актуелни се неколку владини мерки: училишната кошничка за поевтин училишен прибор, како и намалените акцизи и повластената даночна ставка за горивата од 10 наместо 18%.
Ако на просечните месечни трошоци се додаде и кирија, односно рата за станбен кредит, тогаш синдикалната кошничка изнесува скоро 1.400 евра.
Инаку, минималната плата е нешто над 420 евра, а просечната речиси 790 евра, што практично укажува на тоа дека за да се покријат основните потреби во услови кога фамилијата не живее во сопствен дом, во семејниот буџет треба да се слеваат скоро две просечни плати.
Мирјана Јовеска













