Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, имаше средби со земјоделци во Обршани во општина Кривогаштани и во село Дебреште во општина Долнени, на кои земјоделци од различни сектори ги изнесоа проблемите со кои се соочуваат.
Земјоделците на средбите алармирале дека состојбата во земјоделството е толку катастрофална, што голем дел од родот, на пример од црвената пиперка, е скапан, поради тоа што не се откупуваше на време. Додека земјоделците од село Обршани и околните села од општина Кривогаштани, посочиле дека власта ги излажала во однос на откупот на црвената пиперка.
Филипче на средбата им порачал на земјоделците дека СДСМ ќе подготви предлог-мерки за финансиски да им се помогне на земјоделците.
„Ќе поднесеме предлог-мерка за интервентен откуп и загарантирана соодветна цена од 30 денари за килограм за тие количини црвена пиперка што не се откупени, а за тие земјоделци на кои што пиперката поради тоа што нема откуп веќе им е скапана и уништена, да се обезбеди обештетување“, изјавил Филипче.













