Францускиот претседател, Емануел Макрон, предупреди дека заканата од хибридни напади од страна на Русија врз Европа и Франција е сѐ поинтензивна.
На прес-конференција во Елисејската палата, Макрон изјави дека наредил изработка на план за заштита на критичната инфраструктура и објектите на одбранбената индустрија соочени со оваа закана.
Тој рече дека Франција во изминатите неколку недели била цел на руски хибридни напади и дека тие нема да останат „без одговор“.
Сè поголем број европски лидери предупредуваат дека Русија можеби подготвува напади со цел да ја тестира решеноста на европските земји да продолжат со поддршката за Украина.
Термините „хибридна војна“ или „хибридни напади“ се релативно широки и најчесто се однесуваат на методи во кои не се користат директно воени средства, како што се сајбернапади, саботажи или ширење дезинформации, со цел да се изврши притисок врз противникот и да се дестабилизира.
Ваквите активности често се спроведуваат преку посредници, но Русија постојано негира вмешаност во такви напади, и покрај сè поголемиот број докази што укажуваат на спротивното.
Францускиот претседател им се обрати на новинарите по средбата со лидерите на политичките партии, на која се разговараше за безбедносните последици од војните на Блискиот Исток и во Украина.
Макрон го спомена минатомесечниот напад со дрон врз аеродромот во Лајпциг, Германија, за кој беше обвинета Русија, како и изјавите на полскиот премиер Доналд Туск дека Русија планира напади со дронови и ракети врз Полска и други земји на источното крило на НАТО.
„Во последните недели, руската хибридна закана против Европејците и против Франција се интензивираше“, рече тој.
„Целта е да нè заплашат и да ги ослабнат нашите напори за поддршка на Украина. Резултатот ќе биде токму спротивен. Не сме заплашени, бидејќи знаеме дека нашата безбедност денес и утре е во прашање во Украина“ – подвлече Макрон.
Во четвртокот, Туск пред полските пратеници изјави дека руските планови вклучуваат напади со дронови и ракети врз земји кои ја поддржуваат Украина. Тој рече дека постои „реален ризик“ од такви напади врз територијата на земјите членки на НАТО, по што Москва би можела да тврди дека станува збор за „случајни“ инциденти, со цел да се подели Алијансата.












