Бројот на луѓе кои имаат 100 или повеќе години во Јапонија за првпат надмина 100.000, објави Министерството за здравство, а прнесе Би-би-си.
Податоците покажуваат дека во Јапонија сега живеат 107.677 стогодишници – најголем број во светот – од кои 88% се жени. Најстарата жена е Кишимото Фујо, 114-годишничка од градот Кјото, а најстариот маж е Като Хикару, 112-годишник од Кумамото.
Министерот за здравство Кеничиро Уено изјави дека е „воодушевен што толку многу луѓе живеат долг, здрав и активен живот“, посочувајќи го напредокот во медицината и технологијата.
Експертите долгиот животен век на Јапонците го припишуваат на неколку фактори, вклучувајќи ја здравата исхрана и активниот начин на живот.
Исхраната во оваа островска земја главно се состои од риба, зеленчук и ориз, а содржи помалку заситени масти во споредба со многу западни начини на исхрана. Постарите луѓе, исто така, редовно пешачат, користат јавен превоз, возат велосипед и прават вежби за истегнување.












