Се правеле набавки кои не се користеле, се склучувале договори со само една понуда, се ограничувала конкуренцијата. Државниот ревизор под лупа го стави работењето на ЕСМ.
Една од позначајните работи кои ги посочуваат во извештај е набавката на адитив. Го платиле 2,3 милиони евра. Најголем дел не бил искористен, а потоа му истекол рокот. Компанијата платила и 1,7 милиони евра за дислокација на опрема која не е ставена во употреба. Поради ваквите состојби ревизорот констатирал сериозни загуби за компанијата.
За набавката на адитивот беше поднесено и обвинение и судскиот процес се уште во тек.
Ревизорите констатирале и дека бил набавен и гасен мотор за кој поради итноста во 2023 година била спроведена постапка со преговарање без објавување на оглас. Бил исплатен значителен дел од договорената вредност – 2, 4 милиони евра, но не бил ставен во функција.
И покрај повикувањето на крајна итност како основ за спроведување на постапката, гасниот моторот бил испорачан по седум месеци, но истиот не бил инсталиран и ставен во употреба. До денот на завршување на ревизијата, гасниот мотор е складиран во кругот на Подружница Енергетика, без обезбедени предуслови за негово оперативно користење, пишува во извештајот на Државниот за ревизија
Образложението кое го добиле е дека набавката се спроведува поради енергетската криза. Обврската на ЕСМ била да го зголеми производството на струја согласно задолжувањата на Владата и една од опциите била да се зголеми со проширување на капацитетот на централата КОГЕЛ. Но, во извештајот стои и дека конзервацијата била извршена во јуни 2025 што укажува дека гасниот морот не бил ставен во функција и по повеќе од две години. Па, од тука ревизорите посочуваат дека поради сето ова не може да се утврди која била итноста на набавката за моторот.
ДЗР констатирале и дека дел од договорите биле склучени со само една понуда, а во одредени случаи се менувале и договорите со анекси без доволно образложение.
Во фокусот на ревизорите биле 27 постапки за јавни набавки спроведени во 2022, 2023 и и дел во 2024 година. За извештајот на ревизорите со свој коментар излегоа и од ЕСМ. Велат дека голем дел од забелешките на ревизорот веќе биле нотирани и од нивна страна и за сите тие забелешки и незаконитости АД ЕСМ веќе имале поднесено и кривични пријави.
Државните електрани веќе неколку години се тема во јавноста – особено се зборува финансиската состојба на компанијата но и за тоа дали е можно ситуацијата таму да се подобри.
Ирена Чачкова












