Најроби ќе биде домаќин на Светското првенство во атлетика во 2029 година. Главниот град на Кенија во трката за организација ги победи Лондон и Рим и ќе стане првиот африкански град што ќе биде домаќин на планетарниот атлетски собир.
Одлуката беше донесена на состанокот на Советот на Светската атлетика во Будимпешта. Претседателот на организацијата, Себастијан Коу, истакна дека кандидатурата на Најроби била „убедлива и емотивна“ и дека носењето на Светското првенство во Африка за првпат претставува историски момент за спортот.
За Најроби ова не беше прв обид да ја добие организацијата на едно Светско првенство. Кениската престолнина претходно се кандидираше и за шампионатот во 2025 година, но тогаш во изборот беше поразена од Токио. Овојпат Најроби успеа да ги надмине кандидатурите на Лондон и Рим и да ја донесе најголемата светска атлетска манифестација на африканскиот континент.
Главна арена на првенството ќе биде стадионот „Касарани“, кој се реновира и во пресрет на Африканскиот куп на нации во фудбал во 2027 година.
Кенија има и огромна атлетска традиција, особено во трките на средни и долги патеки. На Светското првенство во 2025 година кениските атлетичари освоија седум златни и вкупно 11 медали и завршија на второто место на табелата според освоени медали.
Светската атлетика истовремено го избра и домаќинот на шампионатот во 2031 година. Организацијата ја доби Минхен, кој за првпат ќе биде домаќин на Светско првенство во атлетика.












