Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Саудиска Арабија привремено го затвори својот стратешки нафтовод

/

Свет

Сподели преку :

Саудиска Арабија го запре протокот на нафта низ нафтоводот долг околу 1.200 километри и една од најважните алтернативни рути за извоз на овој енергенс откако Хутите извршија ракетни напади на неколку локации.

Сателитските снимки покажуваат чад над објектите во близина на Медина, а властите велат дека има повредени и материјална штета. Според Багдад и Ријад, хутите навлегле од територија на Ирак, а Ирачките власти веќе разрешија воен командант и започнаа истрага за пронаоѓање на одговорните.

Саудиска Арабија засега не возвраќа директно, но предупредува дека го задржува правото да преземе мерки за заштита на своите интереси.

„Ова е кампот ‚Халид ибн ал-Валид‘, кој со Божја помош е исчистен од саудискиот непријател. Може да се види уништувањето, како и злосторничката природа на непријателот и неговите заговорнички планови против нацијата. Ова е влезот во кампот ‚Халид ибн ал-Валид‘ во Мока, откако со Божја помош беа протерани остатоците од саудискиот непријател, а локацијата беше обезбедена и целосно исчистена. На оваа обиколка сме заедно со нашите браќа, хероите од вооружените сили. Ова е крстосницата во Ал-Мока, откако со Божја помош таа беше обезбедена и од неа беше протеран саудискиот непријател, известува репортерот на „Ал Масира“.

Во исто време, илјадници километри јужно, Хутите продолжуваат со офанзивата долж брегот на Црвеното Море.

Најзначајниот развој е преземањето на Мајун, познат и како Перим – мал, но стратешки остров во теснецот Баб ел Мандеб.

Од оваа точка се контролира еден од клучните морски премини меѓу Црвеното Море и Аденскиот Залив.

Хутите тврдат дека пловидбата останува безбедна за сите, освен за саудиските бродови, кои се цел на претходно најавената забрана.

– Јеменските вооружени сили потврдуваат дека поморската пловидба останува безбедна за сите компании, со исклучок на саудиските пловни објекти – за кои претходно беше објавена забрана. Тие понатаму ја истакнуваат својата постојана посветеност на спроведувањето на принципот „блокада за блокада“, напаѓањето на цели на саудискиот непријател и одговарањето на ескалацијата со ескалација, сè додека не престане агресијата и не се укине блокадата наметната врз нашиот сакан народ, изјави Бригаден генерал Јахја Сари, воен портпарол на Хутите.

Од Вашингтон засега нема зелено светло за директна американска воена акција против Хутите.

Според извори запознаени со разговорите, саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман најмалку двапати разговарал со Доналд Трамп и побарал американска воена помош.

Но, Вашингтон понудил размена на разузнавачки информации и помош при таргетирањето, без директно вклучување во нападите.

Двојниот притисок – нарушената пловидба низ Баб ел Мандеб и проблемите со саудискиот нафтовод – го зголемува ризикот за глобалните енергетски пазари.

Саудиска Арабија веќе бележи најниско производство на сурова нафта во повеќе од три децении, а цената на нафтата повторно се искачи над 100 долари за барел.

Од една страна е Ормускиот теснец, од друга Баб ел Мандеб. Двата клучни коридори за светската трговија сега се под силен безбедносен притисок. Прашањето е дали следниот потег ќе биде дипломатски или воен.

Доколку Хутите го задржат контролниот појас долж Црвеното Море, а конфликтот дополнително се прошири, последиците би можеле да се почувствуваат далеку надвор од регионот – преку поскапа нафта, поскап транспорт и нов инфлаторен притисок врз светската економија.

Александар Петрески