Борбите меѓу јеменската армија и Хутите се интензивираат долж стратешки важниот брег на Црвеното Море. Според очевидци и неименувани воени извори, Хутите го презеле пристанишниот град Мока, на западниот брег на Јемен, објави германската новинска агенција ДПА.
На социјалните мрежи се појавија снимки на кои, наводно, се гледаат припадници на Хутите во градот, но нивната автентичност засега не е потврдена.
Мока има големо стратешко значење поради близината до теснецот Баб ел-Мандеб, еден од клучните поморски премини во регионот.
Доколку информациите за преземањето бидат потврдени, Хутите би можеле да добијат подобра позиција за вршење притисок врз бродскиот сообраќај и евентуално негово блокирање во Црвеното Море.
Хутите повеќе од една деценија се борат против јеменската влада, која е поддржана од Саудиска Арабија. Примирјето постигнато во 2022 година го намали интензитетот на конфликтот, но не доведе до трајно политичко решение.
Борбите повторно се интензивираа по ескалацијата на конфликтот меѓу Иран и Израел и САД.












