Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Алките беа неминовни за да се одржи концертот – порачаа организаторите во пресрет на настапот на Дејвид Гета во Скопје

/

Култура

Сподели преку :

Граѓаните кои купиле влезници за концертот на светски познатиот диџеј и Давид Гета што ќе се одржи утревечер во Скопје, да ги заменат навреме со алки и да дојдат навреме на стадионот „Тодор Проески“ веднаш штом бидат отворени вратите во 17 часот. На ваков начин, велат организаторите, ќе се овозможи сите кои имаат карти да можат да пристапат до местото на одржувањето на концертот, но и да влезат навреме, со оглед на тоа што стадионот има мал број влезови.

Исто така, се апелира лицата кои ќе присуствуваат на концертот да ги почитуваат препораките на полицијата, но и редарската служба од агенциите за приватно обезбедување, како и да не се обидуваат да внесат забранети предмети на стадионот.

„Доколку тргневме да ги чекираме картите при влез на концерт, јас гарантирам дека или 70 проценти од публиката немаше да влезе внатре на стадион, или ќе бевме спремни да почнеме да чекираме од 5 часот утре, а концертот да биде задутре. Така што, ова со алките треба да се сфати како една неминовност за одржување на концертот во интерес на времето поради инфраструктурата за влез каква што ја има стадионот“, рече на денешната прес-конференција сопственикот на Авалон Продукција и коорганизаторот на настанот Бобан Милошески.

Вели дека полнењето на стадионот за краток период не е можно, бидејќи, како што рече, влезовите и излезите на нашиот стадион се бројат на една рака.

„Токму поради тоа, прво што би замолил е што е можно поголем број луѓе од Скопје да го искористат денешниов ден и да ги заменат картите за алки. ​И тоа што е убедливо најважно и најбитно во целава оваа приказна е дека ако 50.000 луѓе почнат наместо од 17 часот кога ќе се отворат вратите, да влегуваат во 20 часот ние ќе имаме сериозни потешкотии во организирање на овој концерт“, додаде тој.

Началничката на униформираната полиција при МВР, Билјана Сарагинова истакна дека поради тоа што станува збор на настан од поголем обем Министерството и другите надлежни институции во соработка со организаторот ги превземаат сите соодветни мерки за безбедно одржување.

Потенцира дека присутните не треба да носат предмети коишто се забранети за внесување на вакви настани.

„Во однос на овие предмети коишто се забранети за внесување на ваквите настани, се значи: огнено оружје, разни експлозивни материи, ладно оружје, ножеви, боксирачи и палки и останати предмети, стаклени шишиња, алкохолни пијалаци, лименки, се со цел да се спречи каква било повреда, самоповредување или повреда на кое било друго лице. ​Исто така, апелираме да не се носат големи ранци или торби, бидејќи истите ќе бидат отстранети, за да немаме застој на самите влезови при влезот во самиот Градски стадион“, рече началничката.

Љупчо Ѓурчевски, помошник началник на СВР Скопје истакна дека имаат изготвено посебен план за физичко и сообраќајно обезбедување на овој музички настан, поради зголемениот интерес на граѓаните.

-Предвиден е посебен режим на сообраќај на приодите кон Арена „Тодор Проески“, на дел од булеварот Илинден, сѐ со цел граѓаните непречено и навремено да пристигнат на настанот, рече на прес-конференцијата Ѓурчевски.

Организаторот на настанот очекува, како и сите досегашни настани што се одржаа во рамките на одбележувањето на јубилејот „35 години независност на Македонија“ и овој да помине без проблеми и инциденти. Концертот на Давид Гета ќе се одржи на Националната арена „Тоше Проески“ во Скопје. Според најавите, Гета ќе настапи со продукцијата The Monolith Stadium Show.