Текстилната работничка Силвана Димитрова мора да се разведе, за да нејзиниот сопруг се оперира. Во ваква ситуација нејзиното семејство е откако таа пред три месеци е испратена на принуден одмор од штипската конфекција „Алкон текс“.
Силвана заедно со нејзините колешки веќе втори ден е пред фабриката, бараат да почнат со работа, но никој не ги прима, им рекле дека фирмата во којашто работеле сега е на друга адреса. Утринава инспектори на Трудовиот инспекторат ги евидентираа работничките пред објектот. Работничките стравуваат да не добијат и тие откази поради кршење на ред и дисциплина, со што би останале без отпремнини, но и без можност да се пријават во заводот за вработување.
Конфекцијата „Алкон- текс“ е актуелна од пред месец и половина кога педесетина работнички протестираа затоа што не ги повикаа на работа бидејќи не потпишале документ дека се префрлаат во друга фирма зад која неофицијално стојат истите сопственици. Од невладината Гласен текстилец велат дека последните месеци некои од компаниите почнале да го префрлаат капиталот од една во друга фирма, на штета на работниците.
Гласен Текстилец по вторпат ги повикува обвинителството, УЈП и Финансиска полиција да излезат на терен. Телма се обиде да стапи во контакт со упарителот на Алкон текс, но не ја крена слушалката.
Викторија Димитрова Јованова