Македонија и официјално се приклучи на иницијативата „Вертикален гасен коридор“. Меморандумот за разбирање го потпиша извршниот директор на „Номагас“ АД Скопје, Недим Рама во рамки на 10-от Форум за енергетика на Југоисточна Европа (SEEF) во Солун на кој учествуваше и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Со приклучувањето во Вертикалниот корисор, земјава станува дел од пошироката регионална соработка за поврзување на системите за пренос на природен гас во Југоисточна и Централна Европа. „Номагас“ се приклучува на операторите на системите за пренос на природен гас кои го развиваат Вертикалниот коридор, регионална иницијатива што ги поврзува гасните системи на Грција, Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, Украина, Молдавија и Србија и создава поширока оска за пренос на природен гас во насока југ–север.
Како што истакна министерката Божиновска пред потпишувањето, Вертикалниот енергетски коридор не е само гасоводна инфраструктура, туку ја претставува новата безбедносна, економска и геостратешка архитектура на Југоисточна Европа.












