Истрагата во Унгарија отвори поле за политичка пресметка во Македонија. Опозицискиот Социјалдемократски сојуз бара Обвинителството да отвори истрага за парите од унгарскиот кредит и да провери дали средствата се користат законски и наменски. Обвинуваат дека власта ги фингира бројките и ги крие вистинските податоци за јавниот долг.
„Дали се тоа парите коишто се дојдени од Кина, коишто непосредно претходно, пред да го добиеме кредитот како држава, се земени од страна на Унгарија, од Кина? – Сега сите знаат дека Владата на Мицкоски е под меѓународна истрага за унгарскиот кредит. За жал, тоа е имиџот којшто денес ќе го има нашата држава. Македонското обвинителство не може да молчи. И затоа денес отворено бараме да отвори веднаш предмет за сето тоа што се случило со кинескиот кредит, бидејќи секое понатамошно молчење станува навистина сомнително“, вели Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор на СДСМ.
Премиерот Мицкоски одговара – нека истражува обвинителството. СДСМ вчера обвини дека власта крие долгови и нови задолжувања, а премиерот денеска со оценка дека податоците на државната статистика се потврда за економските политики на Владата. Претседателот на Владата ги возврати критиките оценувајќи дека за опозицијата економскиот напредок претставува „лоша вест“.
„Првата теза беше зошто не биле запишани оние заеми коишто Јавното претпријатие за државни патишта ги зема. Затоа што тие не влегуваат во јавниот долг и тие треба тоа да го знаат. Има Закон за јавен долг. И втората теза – зошто онаа одлука на Владата од 31 август за задолжување на меѓународен пазар не била во ребалансот на Буџетот. Затоа што таа е за да се издаде еврообврзница во следната година, за да можеме да ги вратиме нивните долгови, со коишто го крадеа народот и буквално ги празнеа институциите и министерствата и да може да ја вратиме обврзницата којашто тие ја земаа“, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Според Државниот завод за статистика, најголем пораст во второто тримесечје од 2026 година е забележан во градежништвото, каде активноста е зголемена за 21,9 проценти. Раст од 5,1 отсто има и кај уметноста, забавата и рекреацијата, како и кај останатите услужни дејности и активностите на домаќинствата.
Петар Догов













