Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Санчез: Владата нема што да крие за кризата во Сеута

/

Свет

Сподели преку :

Шпанскиот премиер Педро Санчез пред парламентот ја бранеше реакцијата на неговата влада на масовниот прилив на мигранти од Мароко во Сеута и порача дека „нема што да крие“, додека во Мадрид десницата организираше масовни протести. Санчез најави дека целокупната документација поврзана со кризата ќе биде јавно објавена и граѓаните ќе може да ги разгледаат сите преземени мерки и одлуки.

Премиерот ја бранеше и постапката на владата по кризата. Според него, најголем дел од мигрантите бргу биле вратени назад.

„Значи, од повеќе од 73.000 луѓе, над 90 отсто беа вратени. Со тоа, оваа операција стана еден од најбрзите процеси на враќање некогаш спроведени во поновата европска историја. И, впрочем, ова не го велам јас, тоа го призна и Европската комисија“, рече шпанскиот премиер Педро Санчез пред пратениците. 

Санчез истовремено ги отфрли критиките дека Шпанија требало да употреби посилни мерки за спречување и враќање на мигрантите. „Шпанија е демократија. Не можете да фатите човек за рака и да го фрлите преку границата како вреќа со земја“, подвлече шпанскиот премиер.

Во меѓувреме, политичкиот притисок врз владата расте. Обраќањето на Санчез во парламентот уследи по масовните протести низ Шпанија против начинот на кој владата се справува со кризата.

„Дојдов да укажам на ситуацијата во која се наоѓаат жителите на Сеута. Сакаме тие, на некој начин, повторно да го имаат животот што го живееја пред 30 јули, кога се случи масовниот упад. Но, како што гледаме, времето минува, а тие не успеваат да си го вратат својот живот. Напротив, гледаме дека ситуацијата се влошува од ден на ден“, изјави Пабло Олмедо (60), демонстрант.

Протестите официјално беа непартиски, но беа поддржани и политички промовирани од опозициската десница, особено од Народната партија и крајнодесничарската Вокс. Овие партии го обвинуваат и Мароко дека стои зад кризата во Сеута и Мелила, двата града кои се единствените копнени граници на ЕУ со Северна Африка. Санчез кризата ја опиша како резултат на повеќе фактори – од криминални мрежи за шверц на луѓе, до кампања на ширење гласини и лажни информации преку социјалните мрежи.

Тој предупреди и дека профили поврзани со Русија и со Израел, како и меѓународни екстремно десничарски мрежи, придонеле кон ширењето на дезинформации, иако тоа не значи некоја странска држава го организирала масовниот упад на мигрантите.

Никола Илиевски